Научен тим анализирал примероци од плунка собрани од учесници пред и по стрес-тест, со цел да ги утврди нивото на хормонот кортизол.
Според резултатите, луѓето кои не внесуваат доволно течности покажуваат поинтензивен биолошки одговор на стрес. Истражувачите утврдиле дека лицата кои пијат помалку вода лачат поголеми количини кортизол – иако нивното чувство на жед не се разликува од она кај учесниците кои биле добро хидрирани.
Научниците препорачуваат во периоди на зголемен стрес да се има вода при рака, бидејќи ова може да има долгорочни придобивки за здравјето.
Студијата, спроведена од експерти од Универзитетот Ливерпул Џон Мурс (LJMU), опфатила 16 лица кои консумирале помалку од 1,5 литри вода дневно и уште 16 лица кои редовно ги следеле препораките за дневен внес на течности.
Истражувачите се воделе според препораките на Европскиот орган за безбедност на храната (EFSA), кој советува мажите да внесуваат околу 2,5 литри вода дневно, а жените околу два литра. Секако, овие количини може да се зголемат при жешко време, интензивна физичка активност, закрепнување од болест, бременост или доење.
Навистина стресен тест
Хидратацијата на учесниците била следена седум дена преку примероци од крв и урина. Потоа тие биле поканети во лабораторија да учествуваат во стрес-тест.
Тестот се состоел од симулирано интервју за работа. Секој учесник имал 10 минути за подготовка, по што бил пренесен во друга просторија со лажна камера и три-член панел во бели мантили. По интервјуто, учесниците решавале и ментален аритметички тест.
Професорот Нил Волш од LJMUго опишал овој тест како „навистина вознемирувачки“. Тој објаснил дека веќе било познато дека луѓето кои внесуваат малку течности обично се недоволно хидрирани.
„Но прашањето беше: кога ќе ги ставиме овие лица под контролиран стрес, дали нивниот кортизолен одговор ќе биде поизразен?“ вели Волш.
Од учесниците биле земани примероци од плунка пред и по стрес-тестот за да се измери нивото на кортизол. Овој хормон, создаван од надбубрежните жлезди, е клучен во реакцијата на телото на стрес и има улога во имунитетот, метаболизмот и регулирањето на крвниот притисок.
Кортизолот – главниот маркер на стрес
Истражувачкиот тим открил дека нивото на кортизол било значително зголемено кај оние кои пиеле помалку вода. Професорот Шо забележал дека физичките симптоми на стрес – покачен пулс, потење на дланките, сувост во устата – биле речиси исти кај двете групи.
„Двете групи пријавија еднакво чувство на вознемиреност и имаа слични промени во срцевиот ритам“, изјавил тој. „Но, кај лицата кои не се хидрираат доволно секојдневно, кортизолниот одговор беше значително поголем.“
Кортизолот е примарниот хормон на стрес во телото, а прекумерната реакција на него е поврзана со зголемен ризик од кардиоваскуларни заболувања, дијабетес и депресија.



















