Бојата на автомобилот силно влијае врз урбаната топлина ! „Тоа е реален ефект, не си замислувате“

758

Темно обоените автомобили го загреваат воздухот околу себе и придонесуваат за повисоки температури во градовите.

Спротивно на нив, светлите автомобили ја одбиваат сончевата светлина и можат да понудат едноставен, но ефикасен начин за разладување на улиците и намалување на непријатноста за жителите, покажува ново истражување.

Бојата на возилото директно го менува нивото на топлина што го ослободува во околината. Темните површини апсорбираат и излачуваат многу повеќе топлина од светлите, што дополнително ги засилува урбаните топлински острови и создава поголема непријатност за луѓето во жешките денови.

Сигурно ви се има случено да поминете покрај автомобил во зенит на летото и да ја почувствувате топлината што ја „испушта“? Тој ефект е реален, вели Марсија Матијас од Универзитетот во Лисабон, коавторка на студијата објавена во „City and Environment Interactions“.

Тимот на Матијас споредувал два автомобили – еден бел и еден црн – оставени на директно сонце повеќе од пет часа, при температури од 36°C. Црниот автомобил го загреал воздухот околу себе за околу 3,8°C повеќе од околниот асфалт, додека белиот не предизвикал никакво забележливо покачување.

Зошто бојата е толку важна?

Белите автомобили рефлектираат од 75 до 85 проценти од сончевата светлина, додека црните одбиваат само 5 до 10 проценти. Тенките метални каросерии, направени од челик или алуминиум, се загреваат многу побрзо од масивниот асфалт, што води до посилно локално загревање.

Сега замислете илјадници возила низ градските улици, секое дејствувајќи како индивидуален извор на топлина или како заштитен „штит“ што ја задржува топлината. Нивната боја навистина може да има значително влијание на урбаната температура, додава Матијас.

Можности за намалување на топлината во градовите

Доколку темните возила се пребојат во посветли нијанси, рефлективноста на површините би можела да се зголеми од 20 на речиси 40 проценти во области каде паркираните автомобили зафаќаат над 10 проценти од просторот.

Овој пристап претставува невообичаено, но ветувачко решение за ублажување на прекумерната урбана топлина. Градските службени возила, такси-сервисите, камионите за достава и комбињата се логични кандидати за пребојување во посветли бои, смета Сара Берк од Универзитетот во Северна Каролина, која не учествувала во студијата, за „New Scientist“.