Британски истражувачи идентификуваа нов вид диносаурус кој имал „едро“ по должината на грбот – структура за која се смета дека служела за привлекување партнер.
Овој нов игуанодонт, чии остатоци биле откриени на островот Вајт, го опишал Џереми Локвуд, докторант на Универзитетот во Портсмут и соработник на Природонаучниот музеј.
Локвуд решил видот да го именува по морнарката Елен Макартур, родена на истиот остров, која во 2005 година постави светски рекорд за најбрзо соло непрекинато едрење околу светот. Новиот диносаурус го доби името Istiorachis macaruthurae.
Пред Локвуд да го анализира, се мислело дека фосилите стари околу 125 милиони години припаѓаат на еден од двата веќе познати вида игуанодонти од овој регион.
Едро на грбот
Иако скелетот не бил сочуван целосно како некои други примероци, никој претходно темелно не ги проучил овие коски. Се верувало дека фосилите се од веќе познат вид, но овој примерок имал исклучително издолжени пршлени – карактеристика што веднаш привлекла внимание, објаснува Локвуд.
Во трудот објавен во „Papers in Paleontology“ тој наведува дека диносаурусот најверојатно имал впечатливо „едро“ на грбот.
Еволуцијата понекогаш создава структури што изгледаат повеќе декоративни отколку функционални.
Иако долго време се расправа за нивната улога – од регулирање температура до складирање енергија – научниците сметаат дека во овој случај најубедливото објаснување е визуелната комуникација, веројатно поврзана со сексуален избор.
Кај денешните влекачи, вакви „едра“ најчесто се поразвиени кај мажјаците, што упатува на тоа дека служат за привлекување партнери или заплашување ривали. Истражувачите сметаат дека Istiorachis можел да го користи својот грб на сличен начин.



















