„Мозочен пејсмејкер“ решава еден од најтешките случаи на депресија – пациентот заплакал од среќа

401

Замислете човек кој повеќе од триесет години живее со тешка депресија, а потоа современа, напредна терапија одеднаш ги растерува сите мрачни мисли.

По повеќе од три децении непрекината депресија и бројни неуспешни третмани, 44-годишен пациент конечно влегол во ремисија благодарение на специјално развиен мозочен „пејсмејкер“. Научниците велат дека овој пример покажува колкав потенцијал има навистина индивидуализираниот пристап кај пациенти кај кои стандардните терапии не даваат резултат.

Депресијата која не реагира на третман најчесто се дефинира како состојба која не покажува значително подобрување по употреба на најмалку два различни антидепресиви. Дури и вообичаените алтернативи, како електроконвулзивната терапија (ЕКТ), често не успеваат.

„Тие функционираат по принципот – иста процедура за сите, без оглед на индивидуалните разлики“, објаснува за New Scientist, Дамиен Фер од Универзитетот во Минесота, член на тимот што ја анализирал состојбата на пациентот. Но, секој мозок е уникатен, па универзален пристап не секогаш може да даде олеснување.

Еден од најтешките случаи досега

Истражувачкиот тим работел со пациент кој првпат бил хоспитализиран поради депресија на само 13 години и низ годините пробал околу дваесет различни видови третмани – од лекови и психотерапија, до електроконтрола. „Ова е еден од најтешките случаи на депресија што сме го виделе“, вели Фер. Мажот дури трипати се обидел да си го одземе животот.

МРИ снимките покажале дека кај него се засегнати четири мозочни мрежи поврзани со депресивната состојба. Особено се издвојувала мрежата задолжена за процесирање на надворешни дразби, која била дури четири пати поголема од вообичаеното – што веројатно ја влошувало неговата состојба.

Операцијата успева – пациентот плаче од радост

Хирурзите имплантирале електроди преку две мали отвори во черепот, а секоја електрода била насочена кон различна мозочна мрежа. Кога ја активирале мрежата што се поврзува со саморефлексија и размислување, пациентот неконтролирано заплакал од радост. „Бев воодушевен“, раскажува Фер.

Стимулацијата на мрежите поврзани со процесирање на важност и со извршување на активности му донела чувство на смиреност, а активирањето на фронтопариеталната мрежа ја подобрило неговата концентрација.

Електродите биле поврзани со батерии поставени под клучната коска, создавајќи систем што Фер го нарекува „мозочен пејсмејкер“. Уредот ги активирал мозочните мрежи по една минута на секои пет минути. Во следните шест месеци, пациентот преку мобилна апликација ги следел симптомите, а тимот постепено ги прилагодувал моделите на стимулација.

Само седум недели по операцијата, исчезнале самоубиствените мисли. По девет месеци, според скалата за депресија на Хамилтон, пациентот официјално бил во ремисија. Подобрувањето траело повеќе од две и пол години, со краток период на влошување по инфекција со Ковид-19.

Има ли потенцијал за поширока примена?

„Резултатите се навистина импресивни“, изјавил Марио Јуруена од Кингс колеџ во Лондон, независен експерт.

Истражувачите нагласуваат дека нивниот пристап барал помалку компјутерски ресурси и пократки хоспитализации отколку претходните обиди за персонализирана стимулација.

Сепак, Јуруена предупредува дека се неопходни поголеми, рандомизирани студии пред оваа метода да стане широко применлива. Фер се надева дека ваквите клинички испитувања би можеле да започнат во наредните две години.