Островската држава Кирибати би можела да исчезне за неколку децении.
Два атоли веќе исчезнаа под брановите, а оваа копнена маса во средината на Тихиот Океан и онака не е повисока од два метри. Експертите предупредуваат дека стотици илјади луѓе би можеле да бидат раселени ширум светот.
Покрај Кирибати, на удар се и Малдивите, Холандија, Венеција, Лондон и многу други крајбрежни градови и земји ширум светот.
Имено, за прв пат се појавија непобитни докази дека топлата океанска вода продира под глечерот Thwaites, глечер со големина на Флорида кој содржи доволно замрзната вода што нивото на светските мориња и океани може да се зголеми за 65 сантиметри доколку се стопи.
„Thwaites е најнестабилното место на Антарктикот. Загрижувачки е тоа што ја потценуваме брзината со која глечерот се менува, што е погубно за крајбрежните заедници ширум светот“, изјави за The Telegraph, Christine Dow, професорка на School of the Environment на University of Waterloo и коавтор на студијата.
Како што климатските промени ги зголемуваат температурите, глечерите и планинските ледени плочи се топат. Мразот што еродира влегува во морињата и океаните, зголемувајќи го нивното ниво. Секое ненадејно зголемување на нивото на морињата и океаните, посочуваат експертите, може да стане катастрофално за крајбрежните градови.
Езерце под мразот
Сателитските снимки и хидролошките податоци покажуваат дека вода тече под Thwaites, глечер широк 120 километри и длабок 1.200 метри, кој веќе брзо се топи. Научниците пронашле докази за „засилено топење“, бидејќи глечерот е изложен на повисоки температури отколку што претходно се мислело поради движењето на водата. Имено, џебови на висок притисок се идентификувани на места каде што се издигнала површината на глечерот.
„Постојат овие карактеристики во глечерот што покажуваат дека водата влегува и ги полни езерата под мразот на таа локација“, објасни Rob Larter од British Antarctic Survey, кој опширно го проучувал глечерот Thwaites.
Авторите на студијата мислеле дека ќе бидат потребни стотици години за овој глечер да се стопи, но сега стравуваат дека ќе бидат потребни децении. Larter истакна дека ова истражување претставува „алка што недостасува“ во објаснувањето што се случува „под многу стотици метри мраз“.
Научниците предупредуваат дека ранливите нации, како што се веќе споменатите островски земји и Холандија, треба што поскоро да почнат да инвестираат во заштита од пораст на нивото на морето. На долг рок, единствениот вистински начин да се спречи ова сценарио е да се ограничат емисиите на јаглерод.
За „глечерот на судниот ден“, како што го нарекуваат научниците, веројатно веќе е доцна.
„Да, веројатно стигнавме до точката од која нема враќање“, заклучуваат авторите на студијата.