Сите претседатели на Република Македонија

4460

Борис Трајковски

Втор претседател на Република Македонија (1999-2004)

Борис Трајковски, вториот претседател на Република Македонија, е роден на 25 јуни 1956 година во Струмица.

Во 1980 година дипломирал на Правниот факултет во Скопје, по што специјализирал деловно право и право на работни односи. Во 1997 е именуван за шеф на Кабинетот на градоначалникот на општина Кисела Вода, а во 1998-та е избран за заменик-министер за надворешни работи на Македонија.

Трајковски беше инаугуриран како втор по ред претседател на Македонија на 15-ти декември 1999 година.

Првиот круг на претседателските избори се одржа на 31 октомври, а вториот на 14 ноември 1999 година. Поради констатирани нерегуларности изборниот процес од вториот круг беше повторен на 5 декември 1999 година.

Негови противкандидати на изборите во првиот круг беа Тито Петковски, Васил Тупурковски, Муарем Неџипи, Стојан Андов и Мухамед Халили.

Во вториот круг од изборите учествуваа кандидатите Тито Петковски и Борис Трајковски. По одржаниот втор круг и по прегласувањето во одредени избирачки места, Борис Трајковски освои 53,2 отсто од гласовите (582.808 гласа), а Тито Петковски 46,8 отсто (513.614 гласа). На гласањето во вториот круг излегоа вкупно 1.096 422 избирачи или 68,08 отсто од регистрираните гласачи.

Борис Трајковски ја извршуваше функцијата претседател на Република Македонија од 15 декември 1999 до 26 февруари 2004 година, кога загина трагично во авионска несреќа заедно со осуммина соработници во близина на Мостар, Босна и Херцеговина. Тој имаше 47 години.

Според Уставот на Република Македонија, привремено во периодот од 26 февруари до 12 мај 2004, на чело на државата застана Љупчо Јордановски, тогашен носител на функцијата претседател на Собранието на РМ.

За време на неговиот мандат во Македонија во 2001 година имаше вооружен конфликт што заврши со потпишување на Охридскиот рамковен договор во август истата година.

На претседателот Трајковски светот гледаше како на млад лидер со прозападна ориентација, како миротворец кој избегна граѓанска војна во Македонија.

Продолжува на страна 3