Сите претседатели на Република Македонија

3713

Од независноста на Република Македонија на претседателската фотелја седнаа четворица претседатели.

Првиот претседател Киро Глигоров и актуелниот Ѓорге Иванов претседателската функција ја вршеа во два мандати, а по еден мандат имаа Борис Трајковски и Бранко Црвенковски.

Киро Глигоров

Прв претседател на Република Македонија (1991-1999)

Првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров е роден на 3 мај 1917 година во Штип.

За претседател на Република Македонија Глигоров беше избран на 27 јануари 1991 година од македонското Собрание, кога доби поддршка од 114 од вкупно присутните 119 пратеници, а по втор пат беше избран на првите непосредни претседателските избори одржани во октомври 1994 година.

На изборите учествуваа двајца кандидати, тогашниот актуелен претседател Киро Глигоров кој освои 52,4 отсто (715.087 гласа) од гласовите на вкупниот број избирачи запишани во Избирачкиот список, додека неговиот против-кандидат Љубиша Георгиевски 21,6 отсто (197.109 гласа).

За време на неговиот мандат како шеф на државата се случија некои од најважните настани од современата историја на Република Македонија. На референдум одржан на 8 септември 1991 година беше прогласена независноста на земјата, а Македонија беше и единствената од поранешните југословенски републики која се осамостои по мирен пат. На 17 ноември 1991 беше донесен новиот Устав, а на 8 април 1993 година Република Македонија стана 181 членка на Обединетите Нации.

На 3 октомври 1995 година врз претседателот Глигоров беше извршен атентат. Тој го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата. Нападот беше извршен со автомобил-бомба на улицата „Македонија“ во Скопје, кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција на работното место во Собранието на Република Македонија. Досега не се откриени ни нарачателите, ниту извршителите на атентатот.

По пензионирањето Киро Глигоров е активен како публицист. Тој е автор на неколку дела, главно пишувани по завршувањето на неговиот мандат како претседател – „Македонија е сè што имаме“ (2001), „Атентат – ден потоа“ (2002), „Виорни времиња: Република Македонија реалност на Балканот“ (2004) и „Сите југословенски (стопански) реформи“ (2006).

Тој е основач и на фондацијата „Киро Глигоров“ што поддржува проекти од културата и уметноста.

Киро Глигоров беше најстариот македонски политички функционер. На 19 ноември 1999 година, кога заврши неговиот втор претседателски мандат, тој имаше 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележа Глигоров како најстар претседател на држава во светот.

Претседателот Глигоров почина на 1 јануари 2012 година во својот дом во Скопје.

Продолжува на страна 2