Ѓорге Иванов
Четврти претседател на Република Македонија (2009- 2019)
Актуелниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов е роден на 2 мај 1960 година во Валандово. Во 1995 е избран за асистент на Правниот факултет во Скопје, а во 1998 за доцент на предметите Политички теории и Политичка филозофија. Од 2001 година е раководител на Политичките студии при Правниот факултет во Скопје. Во 2002 е избран за вонреден, а во 2008 и за редовен професор. Од 2004 до 2008 е продекан на Правниот факултет. Од 2008 година е претседател е на Одборот за акредитација на високото образование на Република Македонија.
Иванов беше избран на претседателски избори одржани на 22 март и 5 април 2009 година.
На овие избори во првиот круг учествуваа седум кандидати за претседател на државата. Покрај Ѓорге Иванов во изборната трка за претседател учествуваа и Љубомир Фрчкоски како кандидат на СДСМ, Имер Селмани од Нова демократија, Љубе Бошкоски како независен кандидат, Агрон Буџаку од ДУИ, Нано Ружин од ЛДП и за првпат жена кандидат поддржана од ДПА, Мируше Хоџа.
Вториот изборен круг се одржа на 5 април 2009 година, Ѓорге Иванов освои 63,14 отсто, односно 453.616 од вкупниот број важечки гласачки ливчиња додека претседателскиот кандитат Љубомир Фрчкоски ја заврши изборната трка со освоени 36,86 отсто од вкупниот број гласови, односно 264.828 гласа.
На петтите по ред претседателски избори одржани во април 2014 година, претседателот Иванов како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ беше повторно избран и доби нов петгодишен мандат.
Ѓорге Иванов како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ освои 55,28 отсто, односно 534.910 од вкупниот број важечки гласачки ливчиња, додека претседателскиот кандитат на СДСМ, Стево Пендаровски 41,14 отсто од вкупниот број гласови, односно 398.076 гласа.
Во претседателската трка покрај Иванов и Пендаровски учествуваа и Зоран Поповски од ГРОМ и Илијаз Халими од ДПА.
Истовремено со вториот круг на претседателските избори се одржаа и предвремени парламентарни избори. За првпат на овие претседателски избори македонските државјани кои живеат или работат во странство имаа право да гласаат во странство.
Последната година од вториот мандат на претседателот Ѓорге Иванов, меѓу другото, ќе ја обележи непотпишувањето на Законот за употреба на јазиците и на указот за ратификација на договорот со Грција, како и потпишувањето на Законот за амнестија за обвинетите во настаните во Собранието на РМ од 27 април 2017 година.



















