Што сѐ ѝ премолчев на ќерка ми кога ми кажа дека сака да стане мајка | Зборови кои ја допираат душата

245

Најсилно во тој момент посакав да ја почувствува радоста која е толку силна и стварна да боли, напишала една мајка.

Дали некогаш сте се запрашале како ве променило родителството? Ако е така, ќе се пронајдете во овие редови …

Постојат многу текстови кои зборуваат за тоа што значи да се биде мајка, ова е еден од оние кои не се забораваат!

“Седиме на ручек пред некој ден, кога ќерка ми, онака попатно, спомна дека таа и сопругот размислуваат за бебе. Правиме истражување, рече таа во шега. Дали мислиш дека треба да имаме бебе?

Тоа ќе го промени вашиот живот, реков претпазливо, обидувајќи се да звучам опуштено.

Знам, рече таа. Нема повеќе спиење до доцна во викендите, нема спонтани одмори и патувања.

Но, јас не мислев на тоа кога реков дека животот ќе им се промени. Ја погледнав ќерка ми во очи, обидувајќи се да најдам вистински зборови. Сакав да ѝ го кажам она што не може да го научи на ниту еден родителски курс.

Сакав да ѝ кажам дека физичките рани од породувањето ќе зараснат, но тоа што станала мајка ќе ја остави трајно ранлива.

Размислував да ја предупредам дека повеќе ниту еден наслов од списание нема да прочита, а да не се запраша: Боже, Господи, што ако тоа беше МОЕ дете?! Секој пожар, секоја авионска несреќа, секоја несреќа ќе ја заболи.

Да ѝ кажам да, кога ќе ги види сликите на децата кои гладуваат, ќе помисли дали нешто може да биде пострашно од тоа да гледаш свое дете како страшно пати.

Ги видов нејзините совршено налакирани нокти и беспрекорната гардероба и помислив дека, без оглед на тоа колку софистицирана била, мајчинството во неа ќе ги разбуди животинските инстинкти и потребата секогаш да го штити своето младо, како што тоа го прават лавиците. Дека на секое уплашено Мамаааа ! ќе трча побрзо отколку што мислела дека може и ќе крши сè пред себе, ма колку скапоцено било, без трунка размислување.

Чувствував дека е неопходно да ја предупредам, без разлика на тоа колку години вложила во својата кариера, сè ќе се промени кога ќе стане мајка. Може таа да организира чување на детето, може да ја најде најдобрата дадилка на светот, но сигурно ќе дојде денот кога ќе тргне на важен состанок и ќе мисли на слатката миризба на своето бебе. Ќе мора да посегне по последниот атом на снагата да самата се спречи да не скубне дома и да го прегрне своето чедо и да се увери дека сè е во ред.

А сакав да знае дека секојдневните одлуки повеќе нема да бидат рутински. Желбата на петгодишното дете да влезе во машкиот тоалет на ресторанот и згрозеност при помисла да дека влегува во женскиот, може да биде само една од илјадниците секојдневни проблеми. Да токму на тоа место, во толпата, може да биде распната помеѓу желбата да му овозможи на својот син да гради самостојност и непречено да влезе сам во тоалетот и стравот дека можеби внатре чека некој манијак. Колку и да е решителна и самоуверена во канцеларија, како мајка секогаш ќе се преиспитува.

Гледајќи во неа, толку убава и совршена, сакав да знае дека еднаш ќе го симне тој вишок килограми што ќе ги остави бременоста, но дека никогаш повеќе нема да се чувствува исто.

Дека нејзиниот живот, сега најважен на светот, одеднаш ќе изгуби толку големо значење во моментот кога ќе стане мајка. Дека ќе се откаже од некои од своите соништа заради своето дете, но, ќе сака да живее што е можно подолго, но не да ги исполни своите, туку колку што е можно подолго да го гледа детето како ги остварува своите соништа. Тоа станува најголема радост.

Сакав да ѝ кажам дека линијата од царскиот рез и стриите ќе станат лузни на гордоста. Нејзината врска со сопругот ќе се промени, но не на начин на кој таа мисли и очекува. Сакав некако да разбере дека, колку и да го сака својот сопруг, ќе го сака сто пати повеќе кога ќе ја види нежноста и вниманието со кои тој го бања, повива и го храни своето чедо.

Сакав да знае дека повторно ќе се вљуби во него, поради причини кои сега не изгледаат воопшто романтично. Сакав да знае дека целосно ќе разбере и ќе се поврзе со жените кои толку многу низ историјата се бореле да ги запрат војните, предрасудите, возења во пијана состојба и милион други работи кои ја прогонуваат секоја мајка. Толку многу сакав да ѝ ја доловам на ќерка ми таа возбуда која ќе ја почувствува кога ќе го види своето дете како ги прави првите чекори или учи да вози велосипед.

Сакав некако да ѝ ја објаснам таа слатка насмевка која ќе ја разоружа секој пат кога нејзиното мало чедо ќе допре мачка или куче и ќе се воодушеви така како што возрасен човек на ништо не може да се радува. Најсилно на светот во тој момент сакав да ја почувствува радоста која е толку јака и стварна што боли!

Видов дека ме гледа со изненадување и сфатив дека очите ми се исполниле со солзи. “Никогаш нема да зажалиш”, реков конечно.

Тогаш посегнав по нејзината рака тивко во себе молејќи се за неа, за себе, за сите жени на овој свет кои го одбрале ова, најубавото од сите занимања во светот.

Ве молам споделете го ова со сите мајки и оние кои се двоумеле дали да станат мајки. Нека во вашите раце секогаш е она што е во вашето срце”.