Што да направите ако не ви се допаѓа личноста на првиот состанок?

1006

Во време во кое постојат голем број социјални мрежи и Tinder, навистина е лесно да се договори прв состанок со некого.

Но, без разлика колку сте разговарале со таа личност онлајн, сепак не можете да знаете дали ќе ви се допадне кога за првпат ќе се сретнете во живо.

Првите состаноци можат да бидат магични, но исто така можат да предизвикаат многу проблеми. Најголемиот од нив: личноста со која сте излезени не ви се допаѓа.

Секако, тој/таа може да изгледа убаво на сликите на Facebook и Instagram, но кога конечно ќе се сретнете е повеќе од забележително дека во CV-то на оваа личност пишува „одлично работи во фотошоп“. Или пак не мора да значи дека не ви се допаѓа физичкиот изглед, туку не чувствувате „хемија“ помеѓу вас двајцата. Што правите тогаш?

Според експертот за врски Ерика Етин, најважно е да запаметите дека и другата личност е човек исто како вас, и дека има чувства кои можат да бидат повредени.

„Некои луѓе ги третираат луѓето кои ги запознале на интернет како нешто помалку вредно од нив самите. Многумина доцнат на состаноците, ги откажуваат во последниот момент или пак воопшто не се појавуваат. Треба да запомните дека на крајот од денот, тие луѓе одвоиле време за да дојдат да се запознаат со вас“, вели Етин.

Дури и кога сте на самиот состанок и веќе имате сфатено дека личноста со која разговарате не е вистинската, пробајте да останете фокусирани, бидејќи од секого можете да научите нешто. Ако ве прашаат дали сте расположени за втор состанок, најдобро би било да бидете искрени, но сѐ додека тоа не звучи премногу брутално кон другата страна.

„Препорачувам да кажете нешто во стилот на ‘Благодарам за друштвото, но едноставно не почувствував дека би требало да одиме на втор состанок’ или пак ‘Не почувствував романтична поврзаност помеѓу нас, но сѐ најдобро во иднина’“, додава Етин.

Многу е важно да се појавите на состанокот и да му дадете шанса на соговорникот да ве импресионира. Ако го откажете состанокот во последен момент или пак ако не се појавите на него, тогаш целосната штета и вина ќе ја сносите вие самите.