Речиси 40% од случаите на рак во светот може да се спречат, покажува нова анализа

492

Речиси четири од десет случаи на рак на глобално ниво се поврзани со фактори на ризик што може да се спречат, покажува обемна анализа објавена во списанието Nature Medicine.

Истражувањето, спроведено врз основа на глобални податоци за 2022 година, открива дека околу 38 проценти од новодијагностицираните случаи на рак би можеле да се избегнат со намалување или елиминирање на докажани ризици.

Во среда во светот се одбележува Светскиот ден на ракот.

Тутунот, алкохолот и инфекциите – главни ризици

Студијата е предводена од Изабел Соерџоматарам од Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC) со седиште во Лион. Според нејзините наоди, пушењето, консумирањето алкохол и одредени инфекции се меѓу најчестите причини за рак што може да се спречат.

Проценките покажуваат дека околу 30 проценти од случаите на рак кај жените и дури 45 проценти кај мажите би можеле да се избегнат.

Од вкупно 18,7 милиони нови случаи на рак регистрирани во светот во 2022 година, околу седум милиони се поврзани со превентабилни фактори на ризик.

Регионални разлики во ризиците

Истражувачите ги поврзаа новите случаи на рак со фактори за кои е научно докажано дека имаат причинско-последична врска со болеста, вклучувајќи ризици поврзани со однесувањето, животната средина и работните услови.

Моделите значително се разликуваат по региони и по пол.

Во Потсахарска Африка, дури 38 проценти од случаите на рак кај жените можеле да се спречат, додека во Северна Африка и Западна Азија тој удел изнесува околу 25 проценти. Во овие региони, инфекциите се водечкиот превентабилен фактор.

Во Европа, САД, Канада и Австралија, пак, тутунот е доминантниот ризик поврзан со појавата на рак.

Предупредување за растечки товар

Коавторот на студијата, Андре Илбави од Светската здравствена организација (СЗО), истакнува дека ова е прв сеопфатен глобален увид во процентот на случаи на рак што може да се припишат на превентабилни причини.

„Подобро разбирање на регионалните модели може да им помогне и на владите и на поединците да преземат насочени мерки за намалување на ризикот“, вели Илбави.

Соерџоматарам предупредува дека справувањето со причините што може да се спречат е еден од најефикасните начини за намалување на растечкиот глобален товар од рак. Според податоците на СЗО, доколку продолжат сегашните трендови, бројот на случаи на рак би можел да се зголеми за дури 50 проценти до 2040 година.