Љубителите на кафе кои имаат висок крвен притисок често се прашуваат дали треба целосно да се откажат од кофеинот.
Иако кафето може привремено да го покачи крвниот притисок, експертите велат дека умерената консумација, во комбинација со редовно следење на здравјето, за повеќето луѓе е безбедна.
Кафето е дел од секојдневието повеќе од шест века, а денес просечниот човек годишно консумира речиси два килограми. Начинот на кој телото го преработува кофеинот зависи и од генетиката, што објаснува зошто ефектите од кафето значително варираат од личност до личност.
Што всушност е крвен притисок?
Крвниот притисок ја покажува силата со која крвта притиска на ѕидовите на артериите при секое отчукување на срцето. Систолниот притисок (горниот број) се мери кога срцето се контрахира, а дијастолниот (долниот број) кога срцето мирува меѓу отчукувањата.
Нормалните вредности се под 120/80 mmHg. Вредности од 140/90 mmHg или повисоки, доколку се трајни, укажуваат на хипертензија.
Професорката по исхрана и диететика Клер Колинс од Универзитетот во Њукасл за „The Conversation“ истакнува дека хипертензијата често поминува без симптоми, но значително го зголемува ризикот од срцев и мозочен удар. Според податоците, околу 31 процент од возрасните имаат висок крвен притисок, а голем дел од нив не се ни свесни за тоа.
Како делува кофеинот?
Кофеинот го стимулира срцето и надбубрежните жлезди, го забрзува срцевиот ритам и може привремено да ги стесни крвните садови. Како резултат, крвниот притисок може краткорочно да се зголеми.
Највисокото ниво на кофеин во крвта се јавува 30 минути до два часа по консумирањето, а неговото разградување трае од три до шест часа. Истражувањата покажуваат дека по внес на кофеин, систолниот притисок може да се зголеми за 3 до 15 mmHg, а дијастолниот за 4 до 13 mmHg, при што ефектите зависат од основниот крвен притисок на поединецот.
Кафето не е само кофеин
Освен кофеинот, кафето содржи стотици растителни соединенија што можат позитивно да влијаат на здравјето. Меланоидините се поврзуваат со регулирање на течностите во телото, додека киничната киселина може да придонесе за подобра еластичност на крвните садови.
Преглед на 13 студии со вкупно 315.000 учесници покажал дека консумирањето кафе не го зголемува ризикот од развој на хипертензија, без разлика на полот, видот на кафе или пушачките навики.
Јапонска студија на 18.000 возрасни, пак, открила дека зголемен ризик од смрт од кардиоваскуларни болести имаат само лицата со многу висок крвен притисок кои пиеле две или повеќе шолји кафе дневно. Кај луѓето со нормален или умерено зголемен притисок не бил забележан ваков ризик.
Практични совети за безбедно консумирање
Експертите советуваат редовно мерење на крвниот притисок и информираност за храната и пијалоците што содржат кофеин. Се препорачува избегнување кафе непосредно пред мерење на притисокот, ограничување на консумацијата во попладневните часови и внес од најмногу четири шолји кафе дневно.
Лицата со систолен притисок од 160 mmHg или повеќе, или дијастолен од 100 mmHg и повеќе, треба да го ограничат кафето на една шолја дневно и задолжително да се консултираат со лекар.



















