Научници предупредуваат ! Мастилото од тетоважите не останува само во кожата – стигнува и до лимфните јазли

70

Новите научни истражувања покажуваат дека честичките од мастилото за тетовирање не остануваат само во кожата, туку можат да патуваат низ лимфниот систем и да се акумулираат во лимфните јазли.

Иако тетоважите се популарен начин на самоизразување, експертите предупредуваат дека нивното долгорочно влијание врз здравјето сè уште не е целосно истражено.

Според Science Alert, секоја тетоважа предизвикува имунолошка реакција. Откако мастилото ќе се внесе во средниот слој на кожата (дермисот), организмот го препознава како туѓо тело и активира имуни клетки кои се обидуваат да го отстранат.

Честичките од мастилото стигнуваат до лимфните јазли

Истражувањата покажуваат дека дел од честичките од мастилото можат да навлезат во лимфниот систем и да се задржат во лимфните јазли – важен дел од имунолошката одбрана на организмот.

Бидејќи честичките од пигментот се преголеми за целосно да бидат разложени од имуните клетки, тие остануваат во телото со години. Токму тоа ја прави тетоважата трајна, но истовремено предизвикува постојана активност на имунолошкиот систем.

Што содржат мастилата за тетовирање?

Современите мастила се комплексни мешавини од пигменти, растворувачи, конзерванси и различни адитиви.

Медицинскиот микробиолог Манал Мохамед објаснува дека многу од пигментите што денес се користат за тетовирање првично биле развиени за индустриски намени, како автомобилски бои, пластика и тонери за печатачи, а не за употреба во човечкото тело.

Истражувањата откриле присуство на тешки метали како никел, кобалт, хром, а во ретки случаи и олово. При повисоки концентрации, овие супстанции можат да имаат токсично дејство врз организмот.

Црвеното мастило носи поголем ризик

Според научниците, обоените мастила – особено црвеното, жолтото и портокаловото – почесто се поврзуваат со алергиски реакции и хронични воспаленија.

Црвеното мастило најчесто предизвикува чешање, отоци и појава на грануломи – мали воспалителни јазли кои настануваат кога организмот не може да го отстрани странскиот материјал.

Во медицинската литература се опишани и ретки случаи на сериозни имунолошки реакции, вклучувајќи губење на пигментот на кожата (витилиго) и други автоимуни компликации.

Дали постои врска со ракот?

Одредени пигменти, особено азо-пигментите, под влијание на сончева светлина или ласерско отстранување на тетоважи можат да се разградат во соединенија кои лабораториските истражувања ги поврзуваат со канцероген потенцијал.

Црните мастила, пак, можат да содржат полициклични ароматични јаглеводороди – супстанции кои се класифицирани како потенцијално канцерогени.

Сепак, научниците нагласуваат дека засега не постојат цврсти докази дека тетоважите директно предизвикуваат рак кај луѓето. Иако некои студии покажуваат можен зголемен ризик од меланом, други истражувања не потврдуваат таква поврзаност.

Потребна е претпазливост

Освен можните долгорочни ефекти, процесот на тетовирање носи и ризик од инфекции бидејќи ја нарушува природната заштитна бариера на кожата.

Експертите советуваат граѓаните да избираат лиценцирани студија кои применуваат строги хигиенски стандарди, да се информираат за составот на мастилата што се користат и, доколку имаат автоимуни заболувања или ослабен имунитет, претходно да се консултираат со лекар.

„Тетоважите се моќна форма на самоизразување, но истовремено претставуваат доживотна изложеност на различни хемиски супстанции. Поради нивната сè поголема популарност, неопходни се подобра регулатива, поголема транспарентност и дополнителни научни истражувања“, заклучува медицинскиот микробиолог Манал Мохамед.