Повеќето луѓе сметаат дека светот денес е поопасен од пред две години

1168

Повеќето луѓе сметаат дека светот денес е поопасен од што беше пред две години, додека расте загриженоста поради политички мотивираното насилство и оружје за масовно уништување, покажа истражување на шведската непрофитна организација Глобал Челинџис Фаундејшн.

Шест од десет испитаници кои учествувале во истражувањето, односно 60 проценти, одговориле дека опасноста се зголемила, оценувајќи дека судирите и нуклеарното или хемиско оружје се поопасни ризици отколку порастот на популацијата или климатските промени.

Резултатите од истражувањето се објавени пред самитот на НАТО во Брисел и во време на растечка затегнатост меѓу САД и сојузниците околу трошоците за одбрана.

– Јасно е дека нашите моментални системи на глобална соработка повеќе не им даваат на луѓето чувство на сигурност, изјави Матс Андерсон, потпретседател на Глобал Челинџис Фаундејшн.

Андерсон смета дека луѓето се чувствуваат несигурно поради затегнатоста меѓу НАТО и Русија, судирите во Сирија, Јемен и Украина и нуклеарните тензии со Северна Кореја и Иран.