дома IN MEMORIAM Почина Амди Бајрам

Почина Амди Бајрам

1113

На 64-годишна возраст почина поранешниот пратеник и политичар, Амди Бајрам. Тој беше долги години претседател на партијата Сојуз на Ромите.

Министерството за здравство вечерва информира дека откако кај починатиот Амди Бајрам постмортем е утврдено дека истиот бил позитивен на Ковид-19, Центарот за јавно здравје-Скопје ги презема сите мерки за заштита и спречување на натамошно ширење на инфекцијата во и вон неговото семејство и сите оние кои во изминатиот период имале интензивни и блиски контакти со починатиот.

Од страна на ЦЈЗ Скопје, согласно редовната постапка во вакви случаи, итно ќе биде спроведена епидемиолошка анкета со најблиското семејство на починатиот со цел точна и детална идентификација на контактите во изминатите денови. Со анкетата, ќе биде направена евалуација на степенот на ризик и ќе биде дадена препорака за тестирање, односно самоизолација за неговите контакти. Согласно анкетата, Државниот санитарен и здравствен инспекторат веднаш ќе издаде решенија за изолација за лицата за кои таа ќе биде одредена, велат од Министерството.

МЗ изразува сочувтсво до семејството и апелира, во интерес на заштита на нивното здравје, во целост да соработуваат со надлежните служби. Дополнително, да се избегнат сите погребни ритуали, а погребот да се спроведе согласно протоколите, како превенција од натамошно ширење на инфекцијата од Ковид-19.

Амди Бајрам бил донесен во приватна болница во веќе егзитирана состојба, се наведува во соопштението. На починатиот му бил земен брис, а резултатот потврдил присуство на вирусот Ковид-19.

За животот

Поранешниот пратеник за себе знаеше да каже дека е познат како кока кола која сите ја пијат. Тој има завршено средно трговско училиште, а извесно време бил генерален директор на текстилното претпријатие „Шутекс“. Во 1994 стана пратеник во Собранието на Република Македонија како член на Партијата за целосна еманципација на Ромите.

Бајрам во 1996 ја основа Сојуз на Ромите од Македонија. Во Собранието, членувал во неколку пртенички групи, како и во Комитетот за односи меѓу заедниците. Во периодот 1998–2002 Амди Бајрам ја поддржуваше владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од премиерот Љубчо Георгиевски.

При гласањето доверба на владата на Георгиевски по барање на лидерот на опозицијата Црвенковски во декември 2000 година, владата опстои поради гласот на Бајрам, по што тој изјави дека им дал „гол со пета“ на СДСМ и дека неговата партија „секогаш е со власта“. Во една прилика кога неформално го прашавме зошто секогаш сакате да сте со власта?

„Толку мал народ сме што поинаку нема да вирееме.“ – изјави тој

Во 2004 година беше обвинет за кражба на платно од штипската фабрика „Македонка“. Иако беше осуден на 7-годишна казна затвор, подоцна му беше намалена на 4 години. На локалните избори во 2005, додека пресудата уште не беше правосилна, се кандидираше за градоначалник на Шуто Оризари. Иако победи, беше градоначалник неполн месец, бидејќи беше однесен на издржување затворска казна во затворот во Штип.

Во 2007 казната му беше намалена за шест месеци од претседателот Црвенковски, а во 2008 излезе од затвор и се врати во политиката влегувајќи во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но ја напушта во декември 2016 година кога на власт дојде СДСМ. Бајрам оттогаш ја поддржуваше владејачката партија, а пратеник беше до јули 2020 година.

//