Според планот, вештачката интелигенција ќе се користи за анализа на владините и правните податоци за активно разгледување и измена на законите.
Алатките за вештачка интелигенција од ден на ден стануваат подобри и поспецијализирани. Без проблем можат да направат видео, презентација или слика од текстуални упатства, но и да помогнат во откривањето на егзопланети или живот во вселената.
Сепак, тие се уште не се совршени и не е невообичаено да грешат во резултатите.
Така, помалу изненадува веста дека Обединетите Арапски Емирати планираат да користат вештачка интелигенција за да помогнат во изготвување, изменување и ревизија на законите. Тоа би бил и прв случај на технолошка интеграција во законодавниот процес. За потсетување, веќе имаше обиди за користење на вештачка интелигенција за одредување затворски казни, но тешко е да се каже колку биле добри или лоши тие резултати.
Плановите на ОАЕ беа откриени од владетелот на Дубаи и потпретседател на ОАЕ, шеикот Мохамад бин Рашид Ал Мактум, кој рече дека вештачката интелигенција ќе помогне да се забрза усвојувањето на законите до 70 отсто.
Според Financial Times, шеикот Мохамад изјавил за државните медиуми дека новиот законодавен систем, „придвижуван од вештачка интелигенција, ќе го промени начинот на кој ги креираме законите, правејќи го процесот побрз и попрецизен“.
Според планот, вештачката интелигенција ќе се користи за анализа на владините и правните податоци за активно разгледување и измена на законите.
Тоа е само еден дел од обидот на ОАЕ да стане глобален центар за вештачка интелигенција и дигитална економија.
Да потсетиме дека ОАЕ го назначија првиот министер за вештачка интелигенција во светот уште во 2017 година, откако владата ја претстави Стратегијата за вештачка интелигенција, чија главна цел беше да се зголеми ефикасноста на владата со помош на нова технологија.
Сепак, веќе споменатите ризици при користењето на вештачката интелигенција во законодавството се загрижувачки. Истражувачите изјавија за Financial Times дека моделите на вештачка интелигенција би можеле погрешно да ги толкуваат правните текстови, но исто така и дека законските предлози генерирани од вештачката интелигенција би можеле да бидат неконзистентни со човечките норми и контекст.
Очигледно е дека човекот сепак ќе биде тој што ќе мора да „провери“ сè што сугерира вештачката интелигенција бидејќи, на крајот на краиштата, само луѓето сè уште треба да го почитуваат законот, а не вештачката интелигенција.