Младите си одат од Балканот барајќи подобра иднина

553

Објавено December 30, 2016. Прочитано 42488

Заминувањето на младите од Балканот, во потрага за подобра перспектива, дополнително ги погодува економиите во нивните земји, кои се соочуваат со проблеми.

Алекса Константинов беше еден од најдобрите студенти по математика во Србија оваа година, но како и многу млади на Балканот веднаш по завршувањето на образованието отиде на еден американски универзитет.

Босанскиот невролог Санина Бабиќ Рибиќ во својата земја се соочувала со реченицата дека и треба „политичка или некоја друга поддршка” за да добие работа откако дипломирала.

Таа се преселила на работа во Германија пред три години и сега заработува „четири босански плати”.

Ова се само двајца меѓу десетици илјади млади луѓе кои го напуштија западен Балкан поради високата невработеност, корупцијата и ниските плати, а во потрага за подобра иднина во западна Европа или Америка.

Според неодамнешното истражување на црногорскиот Центар за граѓанско образование, половина млади луѓе сакаат да ја напуштат земјата која брои околу 620.000 жители.

Студиите покажуваат дека тие што заминуваат во овој масовен регинален „одлив на мозоци” се високо образовани млади луѓе.

– Унверзитетите во САД и Велика Британија нудат многу поголеми можности, напиша 19-годишниот Константинов во одговор на агенцијата Франс прес, преку меил од Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ), каде студира.

Хрватска има стапка на невработеност од 43 отсто меѓу популацијата на животна возраст од 15 до 24 години, а нејзиниот влез во ЕУ во 2013 година им овозможи на младите да се преселат во Германија, која најмногу ја преферираат, пред Велика Британија.

Во Македонија „околу 85 отсто студенти на завршна година велат дека својата иднина ја гледаат надвор од земјата”, стои во владин извештај.

Косово е меѓу најпогодените на Балканот, со оглед на тоа дека половина од населението е на возраст под 28 години, а невработеноста на младите изнесува 60 отсто.

– Не само јас, туку секој млад човек на Косово сонува да си оди и да ја продолжи професионалната кариера во странство, вели Блерим Чаколи, келнер и дипломиран правник од Приштина.

Чаколи (31) додава дека барал работа според правната струка повеќе од четири години.

– Немањето на можности на младите влијае на нивната подготвеност да ја напуштат земјата и со тоа да го ослабат нашето општество, вели тој.

Шириум регионот, тие кои најверојатно ќе ги напуштат своите земји се медицински работници.

Во регионот на Тузла во северна Босна, кој е сериозно погоден од сиромаштијата, Алфабет Инфо Центарот организира двонеделни средби на странски работодавци и локланите жители кои бараат работа.

Мерсудин Махмутбеговиќ, шеф на Центарот, вели дека Германија има потпишано договор со неколку балкански земји, вклучувајќи ја и Босна и Херцеговина, со кој дозволува вработување на 250.000 луѓе од регионот во здравствениот сектор до 2020 година. Германија, која се соочува со недостиг на лекари и медицински сестри, смета дека работниците од Балканот ќе бидат флексибилни и од доверба, рече Махмутбеговиќ.

А и тие се мотивирани да заминат поради „немањето работа, ниските плати и слабите можности за напредување во кариерата” во нивните земји, наведува албанскиот универзитетски професор Газменд Годузи, коавтор на студија за миграциите на здравствените работници од западен Балкан.

Франс прес додава дека според пишувањето на локалните медиуми се проценува дека Србија изгубила 12 милијарди евра од почетокот на 90-те години на минатиот век, кога се распадна поранешна Југославија, поради одлив на образовани млади луѓе, посебно научници и технички инжинери.

Претприемачот Алан Жужи од Албанија вели дека неговата компанија од северниот град Лежа, која се занимава со рибарство, речиси се нашла на прагот на банкрот во 2015 година, откако 60 отсто од неговите вработени емигрирале.

Српскиот студент на американскиот Универзитет МИТ, Константинов, смета дека младите луѓе ќе останат на Балканот само ако се подобри животниот стандард и шансите за подобра иднина.

– Би сакал да се вратам во Србија и таму да најдам работа, бидејќи откако ја напуштив Србија сфатив колку ја сакам и дека никаде не се чувствувате како дома, напишал Константинов во одговоротм за Франс прес.

Танјуг – Белград