Македонија ја победи Финска и обезбеди Европско во 2022

1324

Ракометната репрезентација на Македонија со победа на гостински терен кај Финска (22-27) го потврди местото во групата меѓу најдобрите селекции и патува на Европското првенство (ЕП) кое ќе се игра на стартот на 2022 година.

Иако важеше за голем фаворит, нашиот национален тим доста се намачи за да дојде до посакуваниот резултат. „Црвено-жолтите“ до посакуваната победа дојдоа во финишот, во последните петнаесетина минути, кога дадоа пет гола во низа и го свртеа резултатот во своја полза.

Феноменален беше Росландер меѓу стативите, но неговата добра партија со двоцифрен број на одбрани беше „поништена“. Проблем беа и седмерците затоа што ракометарите не беа ефикасни од линијата и промашуваа.

Сепак, се дојде до посакуваниот резултат – за Македонија ова беше втора победа во меѓусебните пресметки со Финска, а од претходно, се извојува по една победа и над Данска и Швајцарија.

Натпреварот во Финска почна доста изедначено, а во преден план беа голманите. Росландер и Томовски имаа солидни минути на почетокот, арно ама одбраната на Македонија беше доста климава и противникот тоа го користеше. Финска се држеше со нашиот национален тим доста добро, беше 7-6, па откако Македонија направи пресврт преку Манасков и Мишевски (7-8), противникот не се предаде и пак ја врати предноста (9-8). На десет минути пред крајот на првиот дел на семафорот стоеше 11-9, а откако Росландер влезе во ритам во еден момент Финска имаше и „плус три“ (13-10). До паузата, Македонија намали на два (14-12), ама на стартот на вториот дел се промашуваа зицери и пенали, па се влезе во голем проблем.

Финците константно водеа на натпреварот, а голманот Росландер за некаде педесетина минути собра верувале или не 17 одбрани. Македонија во мечот ја врати младиот Ѓоргиев со гол од пенал за 18-18, а на десет минути пред крајот, за првпат се дојде до предност по она во првиот дел, со гол на Лазаров (19-20). Потоа, Финска направи техничка грешка и следеше исклучување и нов пенал за Македонија, а првпат со гол на Ѓорѓиев се дојде и до „плус два“ на мечот (19-21). Искуството потоа дојде на површина, Митревски фати топка, а Лазаров и Стоилов реализираа во два напади, за највисоки 19-23, предност која беше доволна за победа на крајот од дуелот.

Најдобри на листата на стрелци беа Лазаров и Кузмановски со по пет гола, а добра партија имаа голманите Митревски и Томовски кои поделија по едно полувреме и заедно запишаа 15 одбрани. Кај Финците, убедливо најдобар беше голманот Росландер кој го одигра мечот на кариерата и запиша 20 одбрани (толку имаше на претходните три меча заедно), додека кај стрелците Гранлуд даде шест гола, а пет реализира Мартин.

Македонија до крајот на квалификацискиот циклус ја чека уште еден натпревар, на домашен терен против репрезентацијата на Швајцарија.

www.gol.mk/rakomet/