Лекарите откриле што може да го намали ризикот од развој на синдром на нервозно дебело црево

198

Не е познато точно што предизвикува IBS, но претходните истражувања покажале дека преосетливите нерви во цревата, стресот и семејната историја на IBS може да имаат улога.

Добриот и квалитетен сон може да го намали ризикот од развој на синдром на нервозно дебело црево (IBS), а здравиот начин на живот, кој вклучува доволно вежбање, може да придонесе синдромот никогаш да не се развие, велат лекарите.

IBS влијае на дигестивниот систем, а симптомите се манифестираат како грчеви во стомакот, надуеност, дијареа или запек.

Луѓето може да страдаат со денови, недели или месеци, иако симптомите може да доаѓаат и да си одат со текот на времето.

Не е познато точно што предизвикува IBS, но претходните истражувања покажале дека преосетливите нерви во цревата, стресот и семејната историја на IBS може да играат улога.

Една нова студија, објавена во списанието Gut, покажа дека здравиот начин на живот е поврзан со помали шанси за развој на болеста.

Од неколку фактори, непушењето, многу вежбање и најмалку седум часа сон дневно се чини дека имаат најголем ефект.

За целите на студијата, експертите ги проучувале податоците од медицинската база на податоци на UK Biobank, која вклучувала 64.286 учесници во истражувањето со просечна возраст од 55 години, од кои нешто повеќе од половина биле жени.

На почетокот на студијата, ниту еден од учесниците во студијата немал дијагноза на IBS и сите пополниле наајмалку два прашалника за нивната исхрана.

Акцентот во анализата бил ставен на пет елементи на здрав начин на живот – непушење, квалитетен сон, доволно движење, здрава исхрана и помало консумирање алкохол.

Во проучуваниот период од 12,5 години, евидентирани се 961 (1,5 проценти) случаи на IBS .

Од сите испитаници вклучени во студијата, 7.604 или 12 отсто немале ниту еден од петте здрави елементи, додека 20.662 или 32 отсто пријавиле еден, 21.901 или 34 отсто пријавиле два, а 14.101 или 22 отсто пријавиле три до пет елементи.

По земање предвид на сите фактори кои можат да влијаат на резултатите, како што е семејната историја на IBS, најмал ризик за развој на овој синдром е забележан кај испитаниците кои воделе најздрав живот.

Еден фактор на здрав начин на живот бил поврзан со 21 отсто помал ризик, два биле поврзани со 36 отсто помал ризик, а три до пет биле поврзани со 42 отсто помал ризик од развој на синдром на нервозно дебело црево.

Поединечно, непушењето било поврзано со 14 отсто помал ризик, високото ниво на физичка активност довело до 17 отсто помал ризик, а на крајниот резултат најмногу влијаел добриот и квалитетен сон, што резултира со 27 отсто помал ризик од развој на оваа болест.

Поради природата на студијата, истражувачите од University of Hong Kong не можеле да докажат причина и последица, но заклучиле дека луѓето кои „се придржувале до повеќе од петте наведени елементи на здрав начин на живот имале значително помала инциденца на IBS, особено кај средовечното население“.

Нашите наоди укажуваат на важноста на промените во животниот стил како примарна стратегија во спречувањето на IBS, тврдат тие.