1,9. „А во оние дни дојде Исус од Назарет Галилејски и се крсти од Јована во Јордан.“
Христовото раѓање е значаен настан во човечката историја и во Божјиот план за спасение на луѓето, но особено значајно е и Христовото крштевање на реката Јордан, затоа што со тој настан започнува Неговата месијанска дејност. Од тој ден Господ Исус Христос почнал да го проповеда Евангелието.
Затоа, можеме да речеме дека Јордан е почеток на Евангелието, а Христовото крштевање е почеток на спасението на луѓето. Свети Јован Златоуст вели: „Ете, на реката Јордан заедно со слугата доаѓа и Господарот, заедно со виновникот и Судијата приоѓа да се крсти.“
Чудно е тоа што Христос дошол да се крсти? Има ли Он потреба од крштевање? А, најчудно од сѐ е Христовото воплотување – воплотување на Бога во Човек Кој останал и понатму да биде Бог. Ако ова, со вера, го разбереме, потоа сѐ друго е веќе разбирливо, со нашата вера.
На Христовото доаѓање на реката Јордан за да се крсти се зачудил и свети Јован Крстител и си велел: „Јас крштевам за покајание, и се крштеваат луѓето, оти имаат гревови, но како да биде крстен Безгрешниот.“ Господ Исус Христос, пак, се крстил, како што вели Он, за да ја исполни Својата правда (Матеј 3,15; Псал. 39,7-8). Тоа значи, да ги исполни сите одредби предвидени за Него на предвечниот Совет на Света Троица.
Господ Исус Христос се крштевал не затоа што имал потреба од крштение, туку за да ја уништи главата на змијата – ѓаволот.
Се крштевал во реката Јордан, за да покаже симболично како во водата го потопува и победува сатаната и гордоста негова, за да им понуди спасение на луѓето (Псал. 73.12).
Се крштевал за да го измие гревот на човештвото и да го потопи во водата стариот Адам.
За да го благослови делото на свети Јован Крстител.
И најпосле, за да ја открие целата Света Троица: Синот се крштева, Светиот Дух се појавува во вид на гулаб, а Отецот од небесата зборува и вели: „Ти си Мојот возљубен син“. Токму затоа овој празник се нарекува Богојавление – Θεοφανεία.
А над се, Господ Исус Христос се крстил за да ни биде пример за нашето крштение.
И на крајот, за да ја востанови светата Τајна Κрштение, велејќи им на апостолите, кога им се јавил по воскресението: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“ (Матеј 28, 19).
Евангелистот Марко посебно нагласува дека Господ Исус Христос на реката Јордан дошол од Назарет Галилејски. Значи, од овој момент, од денот на крштевањето во Јордан, Исус престанал да биде непознатиот дрводелец кај Јосифа и јавно ја започнал Својата месијанска дејност. Он, од овој настан натаму, јавно го започнува Своето месијанство (види: Лука 3,23). Крштевањето на Месијата претставува вовед во Неговата спасителска дејност и почеток на искупувањето на човечкиот род.
Евангелистот Марко не го спомнува разговорот меѓу Јована и Господа Исуса Христа, а го опишува крштението како основен настан. Тој разговор, пак, го забележал апостолот Матеј во своето Евангелие (прочитај: Матеј 3,13-15).
Христовото крштевање во реката Јордан, во основа значи, Христојавление или Христофанија (Ηριστοφανεία), односно Богојавление – Теофанија (Θεοφανεία). Од тој ден, Исус од Назарет сѐ повеќе им постанувал познат на сите како Христос- како Месија. До тогаш никој, освен неколкумина: мајка Му, праведниот Јосиф, праведниот и благочестив Симеон, Богопримец, пророчицата Ана, мудреците и пастирите, не знаел дека е Он Господ и Спасителот на светот. Тогаш, пак, и реката Јордан Го видела и сета природа Го познала својот Создател и Животодавец. Во Светото предание се среќава иповеданието и воспевањето дека и реката Јордан се зачудила и го прекинала својот тек, па почнала водата да се враќа од морето, како да сакала да го види настанот. Во црковните песни се вели: „Јордан се дели на два дела и го враќа својот тек и ете, Го гледа Господа како се крштева“. Во псалмите, пак, е запишано: „Што ти стана тебе море, па бегаш, и тебе Јордане, па назад се враќаш“ (Псал. 113,5; Псал. 76,16). Така се случило, бидејќи таму присуствувал Оној што го разделил морето (види: 2. Мој. 14,21) и Којшто го разделил Јордан (види: Ису. 3,13 и 16). Како се крстил Господ Исус Христос? Се крстил со полевање или со целосно потопување во водата? „Исусовото крштевање било со целосно потопување, а тоа значи дека требало да ги исчисти сите делови на човечкото тело,“ вели свети Јован Дамаскин, „за да го измие гревот и да го потопи целиот стар Адам.“
1,10-11. ,,И кога излегуваше од водата, веднаш виде како се отвораат небесата, и Духот, во вид на гулаб, како слегува над Него.
И се чу глас од небесата:, Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја‘. “
Проф. д-р. Ратомир Грозданоски
Забелешка: Преземањето на оваа содржина е дозволено само ако го наведете изворот со задолжително линкување на нашиот домен и оригиналната статија!
Доколку сакате да прочитате повеќе содржини како оваа, препорачуваме да го посетите нашиот портал www.kukuriku.com.mk, а со лајк на нашата фан страна станувате дел нашето многубројно членство facebook.com/Kukuriku.mk/.



















