На Велигден | Нова верзија | Официјален видео спот

1930

Почитувани,

По повод 130 години од изградбата на храмот „Св. вмч. Димитриј“ – Скопје, ми претставува особена чест да ви ја преставам новата а капела верзија на песната „На Велигден“, реализирана во соработка со студискиот хор на TFT Production од Канада.

Оваа изведба е создадена како скромен, но искрен придонес кон одбележувањето на значајниот јубилеј – како музичка молитва што ја отсликува духовната димензија на празникот и континуитетот на традицијата низ времето.

Верувам дека песната со својата атмосфера и порака ќе најде свое место во вашите животи, особено во периодот на празничните денови, носејќи чувство на мир, надеж и духовна радост кај слушателите.

Ви благодарам однапред за вниманието и поддршката.

Со почит,
Џина Папас Џокси

130 години од изградбата на храмот „Св. вмч. Димитриј“ – Скопје

Низ вековите, со својата достоинствена едноставност и тивка духовна сила, опстојува храмот посветен на светиот великомаченик Димитриј – сместен на левиот брег на Вардар, под закрилата на Скопската тврдина.

Како најстара црковна градба во централното градско подрачје, храмот претставува вистинска оаза на духовноста во срцето на Скопје – место каде што верата, традицијата и молитвата се пренесуваат од генерација на генерација.

Уште во XIII век, византискиот патеписец Теодор Матохит сведочи дека „под градската тврдина има предградие со најубава соборна црква“ – запис што ја потврдува неговата длабока историска и духовна вредност.

И покрај бројните искушенија низ историјата – пожари, разурнувања и земјотреси – храмот секогаш повторно се издигнувал, благодарение на верата и пожртвуваноста на народот.

Во периодот од 1886 до 1896 година е реализирана неговата голема реконструкција, предводена од мајсторот Даме, син на прочуениот градител Андреја Дамјанов, додека внатрешноста е украсена со фрески и иконостас изработени од тајфата на Димитрија Андонов Папрадишки.

По земјотресот во 1963 година, храмот повторно бил обновен, а неговиот живопис возобновен од Крсте Николов Коловски.

Речиси низ целото свое постоење, храмот „Св. вмч. Димитриј“ бил соборен храм на Скопската митрополија – сè до изградбата на храмот „Св. Климент Охридски“.

Денес, тој не е само сведок на минатото, туку и жив чувар на духовноста – место што продолжува да обединува, да инспирира и да сведочи за трајноста на верата.

Отец Жарко Ѓорѓиевски