Праизведба на „Кој сум јас?“ во Театар Комедија

2443

Претставата „Кој сум јас?“ на Митко Чешларов, а во режија
на Наташа Поплавска, ќе ја има својата премиера в петок
на 27 март, во 20 часот на сцената на Театар Комедија.

Со оваа претстава, театарот ќе го одбележи 27 Март,
Светскиот ден на театарот, како и својот 14-ти роденден.
„Кој сум јас?“ е 55. премиера на Театар Комедија, а првата
премиера беше во 2012 година.

Во претставата играат: Благој Веселинов, Жаклина
Стевковска, Жаклина Петровска, Ева Скендеровска,
Матеа Јанковска, Едмонд Сотир, Илија Илиоски, Ана
Грамосли и Мина Јелушиќ. Сценографијата е на Војдан
Запров, костимографијата – на Сара Милевска. За
сценските движења е задолжена Ирена Лозинска.
Видеодизајнер и фотограф е Емил Петров, а светло
дизајнер – Милчо Александров. За изборот на музика е
задолжен Александар Јорданов.

Ништо не е така како што изгледа. „Кој сум јас?“ е брза и
разиграна фарсична комедија за луѓе што играат улоги во
сопствениот живот. Луѓе кои кажуваат едно, мислат друго
и прават трето. Луѓе кои позајмуваат идентитети како што
позајмуваат пари. Луѓе кои зборуваат за вредности, а
тргуваат со нешто друго. Во оваа приказна, работите
постепено се комплицираат. Малите лаги бараат нови,
поголеми лаги. Ситуациите излегуваат од контрола,
пишува Оливија Трајковска, асистент на режија и асистент
драматург.

-Токму тука настапува фарсата. Кога лагата ќе се оттурка
предалеку, таа почнува да се распаѓа. Телото издава, а
маската почнува да попушта. Преку ритам и телесна
комичност, се разголува механизмот на лагата. И токму

затоа, сè е смешно. Бидејќи кога вистината станува
апсурдна, единствениот начин да се издржи е преку смеа.
Секој има причина да биде тоа што не е. Во таа игра на
идентитети, ситуациите стануваат неочекувано тензични,
брзи и смешни. Хуморот е жив, понекогаш апсурден,
понекогаш болен, но секогаш препознатлив – пишува
Трајковска.

Претпремиерата на претставата е на 26 март во 20 часот.