Како родителите ги воспитуваат децата во различни култури

1440

Стручните совети и научните истражувања на современите родители наметнуваат идеја дека постои само еден исправен начин да се воспита дете. Меѓутоа, во светот владејат различни стилови на воспитувања, што не значи дека родителите во некои земји се подобри од другите.

Ако премногу се грижите за тоа дали добро ги воспитувате вашите деца, увидот во разни обичаи од други земји можеби ќе ви помогне да се опуштите и сватите дека не постои само еден добар начин на воспитување на деца:

Во Норвешка, детството е многу институционализирано, што значи дека многу деца одат во државни градинки кога ќе наполнат една година. Норвежаните сметаат дека е подобро детето додека е помало да појде во колектив. Исто така, фанатично се посветени на престој на свеж воздух, така и лето и зима, децата поголем дел од денот го поминуваат на отворено, вклучувајќи ја и попладневната дремка.

Во Јапонија, децата на 4 години излегуваат надвор без родители, во друштво на браќа и сестри. Помалите деца во основно училиште патуваат со подземна железница и одат во кино. Родителите во Јапонија многу полагаат на детската самостојност.

Во Шведска, децата и родителите се во демократски однос кој се темели на еднаквост. Детските права се на прво место, па се смета дека родителот е должен на детето да му дозволи да спие во ист кревет со него, бидејќи во спротивно му го скусува правото на телесен контакт, што се смета за занемарување.

Корејските родители поминуваат најмногу време носејќи ги своите бебиња и остварувајќи физички контакт со нив. Кореанците улогата на родител ја сфаќаат најмногу како улога на учител, а должност на детето е да ги почитува родителите и да му се оддолжи така што вредно ќе учи и ќе се жртвува.

Според еврејската традиција, родителот има обврска своите деца да ги научи да пливаат.

Холандските родители ретко кога на своите деца им зборуваат дека се паметни, бидејќи веруваат дека децата не треба премногу да ги притискаат. Академскиот успех не е на листа на родителските приоритети, па учењето на децата да читаат го препуштаат на училиштата, а најмногу полагаат на редовен одмор, добра храна и весела атмосфера во семејството.

Во Шпанија, акцентот е на општествениот живот и меѓусебните односи, па и родителите се трудат нивното дете да има развиен социјален живот. Раното легнување не доаѓа предвид, бидејќи децата треба да учествуваат во вечерните семејни дружби, па на спиење одат околу 10 часот.

Подготви педагог Виолета Крстевска Васиќ