Цените за изнајмување станови и куќи за одмор на хрватското јадранско крајбрежје се драстично пониски од лани, но побарувачката е сè уште скромна, пренесува порталот „Индекс“.
Колку што чинеше најевтиниот стан на Јадранот во претходната сезона – 40 евра, толку оваа година чини изнајмување на најскапио, објавуваат од порталот.
Цените на становите во 2019 година во предсезоната и по сезоната се движеле од 40 до 100 евра, додека во сезоната биле од 60 до 200 евра.
Годинава цените на становите во предсезоната се движат од 25 до 40 евра, додека во сезоната се меѓу 45 и 70 евра.
Порталот „Индекс“ наведува дека цела куќа со базен може да се изнајми за 114 евра на ден.
Иако цените се значително пониски од лани, претседателката на Здружението за семеен туризам, Мартина Нимац Калцина, за „Индекс“ изјавила дека изнајмувањето приватно сместување засега оди многу лошо.
„Некои луѓе се потпираат главно на своите стари гости, на оние кои претходно резервирале и се во постојан контакт со нив. Но, има многу малку директни, нови резервации и тоа претежно се однесува на изнајмување на цели куќи за одмор“. изјавила Нимац Калцина.
Таа смета дека сите останати ќе поминат многу лошо и дека прашање е дали воопшто ќе има гости оваа сезона.
„Тоа зависи од каква ќе биде ситуацијата кога границите ќе бидат целосно отворени. Сите се надеваат дека сезоната ќе започне, но реалноста е дека ситуацијата за сега е многу лоша. Што се однесува до домашните гости, на нив дефинитивно ќе треба да им се даваат попусти и пониски цени за изнајмување“, објаснила Нимац Калцина.