Откриена црна дупка, формирана од судир на три галаксии

155

Научниците открија супермасивна црна дупка, чија маса е еднаква на 3 милијарди сонца. Таа се наоѓа во центарот на далечна галаксија, оддалечена 1,8 милијарди светлосни години од Земјата, пишува весникот “Сајанс алерт”.

Името на галаксијата е IRAS 20100-4156 и е формирана од процесот на судир на три одделни спирални галаксии. Откритието на црната дупка во центарот на овој судир се случило случајно, за време на тест набљудувања со австралискиот телескоп ASKAP.

Астрофизиката Лиза Харви-Смит користела телескоп, за рутински мерења на IRAS 20100-4156 кога го направила највпечатливото откритие. Според нејзините пресметки гасовите во центарот на галаксијата се движат околу 600 километри во секунда, што е речиси два пати повеќе од очекуваното.

Тоа ја навела Харви-Смит на помислата дека слична брзина може да значи дека таму се формира огромна црна дупка.

“Црната дупка во центарот на нашата галаксија е со маса на само 4 милиони сонца, па оваа е директно монструозна”, изјави Харви-Смит. “Ова исклучително брзо движење на гасови ни зборува за тоа колку масивна е црната дупка”, додава таа.

Кога галаксии се соочуваат на начинот забележан кај IRAS 20100-4156, и формираат супермасивна црна дупка, резултатот е т.н. ѕвездено избувнување – кога ѕвезди се формираат особено брзо. Според Харви-Смит откритието на слични супермасивни црни дупки помага за разбирање на тоа како бил формиран нашиот универзум.