Познатиот американски терапевт Д-р Џошуа Колман, авторот на “Мрзливиот сопруг” и “Подобар брак”, во кој нуди совети за посреќен и поскладен брачен живот кој позитивно делува врз децата, а на промоцијата на своите книги во Megastore книжарницата објасни како да се постигне еднаков сооднос на обврските и правата помеѓу брачните другари, зошто разводот не го смета за добро решение и зошто решението за среќата не треба да се бара во партнерот, туку во самиот себе.
Како што е наведено од страна на авторот на промоцијата на своите книги, бракот во последните триесет години се сменил повеќе од кога било досега, а со самото тоа се сменија и причините за склучување брак. Додека бракот во 60-тите години од минатиот век се сметал за место на економска сигурност и образование на децата, денес на него се гледа како на основа за личен раст и задоволство. Покрај тоа, важно е да се напомене дека бракот сега стана опција.
“Жените денес имаат поголема моќ, тие можат да одлучат дали сакаат да имаат деца, дали ќе останат во брак или не. Финансиски можат сами да се издржуваат. Покрај тоа, во денешното време сѐ помалку жени се мажат заради пари“, вели др. Колман, додавајќи: “Денес, жените подобро заработуваат и затоа можат да влијаат на условите на бракот. Важно е да се напомене дека полот веќе не го дефинира она со што се занимаваме, улогите се смениле”.
Меѓутоа, ситуацијата се сменила и за мажите. “Мажите сѐ повеќе се грижат за децата, учествуваат во нивното воспитување и се грижат за домаќинството. Воспитувањето на децата ги исполнува, а фактот дека тие се добри татковци, им дава самодоверба. Но сепак најголемиот број на мажи постигнува самодоверба и ја гради сликата за себе на работа или во текот на својата кариера”, вели д-р Колман.
Според зборовите на д-р Колман, денешната брачна заедница е ослабена, а бројот на разводи е зголемен, поради сѐ поприсутната идеја дека бракот треба да биде извор на задоволство и поради потрагата по сродна душа. “Постојат одредени предвесници за развод на бракот. Така, бројните студии покажале дека луѓето почесто се разведуваат доколку бракот бил склучен пред триесетата година од животот, ако тие се помалку образовани, ако се и самите деца на разведени родители и ако имаат финансиски проблеми”.
“Меѓутоа, бракот обично пропаѓа поради илјадници мали нешта кои се насобрале, а многу помалку поради некои големи нешта, како што е измамата. Но, жените се многу повеќе наклонети да простат неверство, бидејќи им е поважен односот со партнерот”, вели др. Колман.
Кој би бил тогаш рецептот за добар и долг брак?
“Секој брак има нерешливи проблеми. Сексот, парите, одржување на домаќинството, одгледувањето на децата, роднините – таквите нешта секогаш остануваат проблем до одреден степен и тоа за бракот не е опасно. Меѓутоа, она што го уништува бракот и она што мора да се избегнува се четири критични елементи: критизирање, дефанзивност, комплетното затворање на партнерот, презир. Често знам да им кажам на моите пациенти дека за исправање на негативен настан во бракот потребни се дури пет добри настани и за успешен брак таа рамнотежа треба да се одржува. Постојат бракови во кои партнерите постојано се караат, но некако успеваат да ја постигнат оваа рамнотежа и да го одржат бракот”, вели д-р Колман.
Бракот, за возврат го зајакнуваат нетрадиционалните улоги на брачните другари во кои ги споделуваат домашните работи, рамноправно донесуваат одлуки, се одржуваат односи со заеднички блиски пријатели и се посветуваат на хоби.
На тема воспитување деца, д-р Колман вели дека децата денес се сфаќаат поинаку. Порано се сметаше дека децата се силни и издржливи, но денес на нив гледаме како на кревки и ранливи суштества во кои треба да се инвестира многу напор. “Целиот тој однос денес се промени, денес родителите сметаат дека детската љубов треба да се заработи, а порано тоа беше обратно”, вели д-р Колман.
“Интернет и медиумите имаат силно влијание врз начинот на одгледување на децата, а родителите, особено мајките чувствуваат вина, затоа што мислат дека не прават доволно за децата или она што го прават, го прават лошо. Резултатот на тоа е што денес родителите повеќе време им посветуваат на своите деца, а тоа се разбира, влијае и на бракот. Прашањето што произлегува е – како тие тоа го прават? Одговорот е едноставен – помалку време трошат на пријателите, роднините и организациите, а повеќе време им посветуваат на децата. Сепак, со ова се загрозува бракот, бидејќи заедничките интереси го зајакнуваат бракот, за кој повеќе, за жал, нема време”, вели д-р Колман.
Но, што е со домашните работи?
Според зборовите на д-р Колман, жените во голема мера ја извршуваат домашната работа, бидејќи тоа општеството го наметнува. Овој многу чест проблем во бракот д-р Колман го објаснува велејќи: “Ако во куќата е неред или ако децата се неуредни, повеќето ќе се запрашаат “што прави мајката”, а многу ретко истото прашање ќе го постават за таткото. На жените историски им се наметнати повисоки стандарди и затоа потешко преговараат со нивните сопрузи. Решението на овој проблем е во тоа што мажите треба да ги зголемат стандардите, а жените пак треба да ги намалат”.
Како на партнерот да му се објасни што ве мачи и како “мрзливиот” сопруг да се натера да помогне дома?
“За овие прашања се дискутира во убави моменти, а не во времето на кавга, затоа што тогаш партнерот ќе нѐ слушне и разбере. Понекогаш е неопходно да се употреби моќта, ултиматумот. Ако не оди поинаку, треба со закана да му се ускратат нему важни нешта, ако тој не го исполни својот дел од обврската”, советува д-р Колман.
Д-р Колман смета дека разводот е последната опција во бракот кој треба да се обиде да се задржи на сите можни начини за доброто на децата. Оние кои ќе се одлучат да останат во бракот без љубов, но поради децата, се препорачува да избегнуваат караници, особено пред децата. “Никогаш пред децата не се зборува негативно за партнерот, потрудете се да имате колку што е можно повеќе заеднички активности – тоа влијае на опстанокот на бракот”.
Забелешка: Преземањето на оваа содржина е дозволено само ако го наведете изворот со задолжително линкување на нашиот домен и оригиналната статија!
Доколку сакате да прочитате повеќе содржини како оваа, препорачуваме да го посетите нашиот портал www.kukuriku.com.mk, а со лајк на нашата фан страна станувате дел нашето многубројно членство facebook.com/Kukuriku.mk/.