Никој, па ни децата не се поштедени од влијанието на корона вирусот. Освен здравствениот ризик, кај нив заразата влијае и психолошки.
За тоа како да им се помогне на учениците од предучилишна и училишната возраст, разговаравме со надворешниот соработник на Првата детска амбасада Меѓаши, Катерина Златаноска Попова.
Таа апелира летниот распуст инстиуциите да го искористат и да најдат вистински модел за враќање на децата во образованието.
Изминува четвртиот месец со Ковид 19 кој предизвика мнгоу промени. Како оваа зараза влијае врз секојдневието на најмладите?
– Затворањето на училиштата и на градинките беше голем шок за нив, иако првично имавме реакција на радост, особено кај децата од основните и средните училишта. Но, како изминуваше времето чувствата им се сменија и тие почнаа да ја сфаќаат тежината на целата ситуацијата бидејќи драстично им се сменија секојдневните навики. И дружењето веќе не им е исто. Најголемиот проблем е што коронавирусот го предизвика кај децата е што повеќе го имаат оној вистинскиот, правилен раст и развој. Најмногу загрижува развојот на емоционалната состојба која е исклучително важна во најраните години од детскиот живот.
Конкретно можете ли да посочите за што станува збор?
– Буквално сега во овој период децата се соочуваат со многу забрани и од родителите но и од институциите. Од тоа да не излегуваат надвор и да го поминуваат времето во дружење со своите другарчиња, па се до тоа што во изминатите неколку месеци не можеа да одат во училиште и да учат на начинот на кој што досега беа навикнати, да спортуваат.
Но, вие психолозите често знаете да кажете дека децата се многу прилагодлива категорија. А од друга страна велите дека тие не можат целосно да ја прифатат новонастанатата ситуација?
– Децата сепак знаат да бидат многу збунети. Не можат да ги разберат ограничувањата и забраните. Во нивната природа е детската радост и дружење, односно интеракција и социјализација а не е ограничувањата и забрани. И токму затоа веројатно стравот кај најмалите но и кај тинејџерите е и најголем.
Сведоци сме дека заразата од коронавирусот не стивнува. Како да ги заштитиме децата и што да направиме тие да продолжат да се социјализираат и да ја имаат потребната меѓусебна комуникација и контакти, односно да го имаат она најважното, безгрижно детство?
– Меѓусебното дружење не можеме да го запреме и тоа е всушност најголемиот проблем со децата. Тие, всушност и најмногу го чувствуваат емоционалниот страв кај родителите, кај возрасните. Ние како Прва детска амбасада Меѓаши сметаме дека сега е моментот да се преземат вистински мерки, односно да се посветиме во изнаоѓање на систем кој ќе им овозможи на децата нормален живот и интеркација. Дел од здравствените експерти ценат дека пандемијата може подолго да потрае.
Во моментов децата се на летен распуст, но времто лета. Што треба институциите да преземат за да можат од септември успешно да ги вратат децата во образовниот процес?
– Потребно е институциите веднаш да стапат во акција во изнаоѓање на решенија. Во многу земји во светот уште пред еден, или два месеци под специјални услови и мерки беа отворени и градинките и училиштата. Овие земји воспоставија систем преку кој ги вратија децата во нормалните текови на живеење. Мора и ние да преземеме чекори во таа насока и што поскоро да изнајдеме правила за враќање на нашите деца во предучилишниот и училишниот процес. Неопходно е да направиме се за да ја имаат потребната социјализација и интеракција. Зборувам како општество како систем особено во однос на образованието. Јас знам дека во моментот се прават промени во образовните програми се адаптираат за електронска настава, но треба навистина напорно да се работи во следните два месеци. Силно апелирам целокупниот образовен систем да го искористи овој летен период додека учениците се на летен распус, за да ги направи потребните адаптации и промени. Потребно е да ги вклучи сите можни компоненти, се со цел образованието на учениците, од еден вид на он лајн настава кој сега го имаме, навистина да стане настава со далечинско учење. Тоа всушност е специјален начин на образование кој се практикува во многу земји во светот. Мора да се работи на образовниот модел „далечинско учење“, бидејќи тоа е еден сосема поинаков пристап и принцип кон кој треба да се придвижиме. Кај нас, доколку коронавирусот продолжи да опстојува и од септември, образовните власти би требало решението да го бараат во некој хибриден модел, хибриден начин на образование. Но, тоа значи голема напорна работа и мобилизација на сите чинители во образованието. Од најнискиот до највисокиот степен во образованиот процес.
Каков е тој хибриден модел на образование?
– Она што го добиваме како информација од електронските конференциите, презентации и работилниците на кои во изминатиов период интензивно сме присутни, е можноста дел од наставата да се одвива во училниците, а дел пак, да се одвива он лајн, преку електронските медиуми. На тој начин практично би биле покриени сите групи на деца. Сега во моментот сме загрижени дека дел од учениците, воопшто не се вклучени во образовниот процес, поради финансиски проблеми, немањето на можност семејството да се вклучи во системот. Но, дел од родителите пак, немаат знаење за овој тип на образование и не можат да им помогнат на своите деца. Токму затоа мислам дека што поскоро треба да се изнајдат решенија, образовниот систем да се адаптира за сите деца.
Средношолците имаа многу познавање за електронската комуникација. Можат ли да помогнат со свои сугестии и предлози?
-Средношколците можат навистина многу да помогнат бидејќи тие отворено ги кажуваат своите забелешки. Нудат свои сугестии и видувања. Да, институциите освен што треба да го слушнат нивното мислење, треба и да ги вклучат во изнаоѓањето на решенијата околу подобрувањето на електронската комуникација. Ова се нови генерации кои се подготвени да учат преку социјалните медиуми и платформи. Би апелирала до надлежните да комуницираат со нив, бидејќи тие имаат зрели размислувања. Од нив очкекуваме напредок, нови решенија не само сега во моментов притиснати од коронавирусот, туку генерално во понатамошниот тек на општественото живеење.