Тројца починале откако испиле средство за дезинфекција

121

Достапен е противотров за труење со метанол и што побрзо се почне со лекување, толку е поголема веројатноста за излекување на пациентот – изјавила државната министерка за здравство, Кејти Кункел.

Три лица во Ново Мексико починаа, а едно остана трајно слепо поради труење со метанол откако пиеле средство за дезинфекција на раце, соопштија здравствените власти. Уште три други лица се во критична состојба.

Веруваме дека сите седум лица пиеле средство за дезинфекција на раце кое содржи метанол. Случаите се поврзани со алкохолизам – се наведува во соопштението од министерството за здравство на американската сојузна држава Ново Мексико, пренесено од Си-Ен-Ен.

– Ако сте пиеле или конзумирале средство за дезинфекција на раце кое содржи метанол, веднаш да се јавите кај лекар. Достапен е противотров за труење со метанол и што побрзо се почне со лекување, толку е поголема веројатноста за излекување на пациентот – изјавила државната министерка за здравство, Кејти Кункел.

Се претпоставува дека некои луѓе пиеле средство за дезинфекција како замена за алкохол. Пред пандемијата, во повеќе затвори средствата за дезинфекција беа забранети од страв дека затворениците ќе ги пијат.