И градскиот парк ги полни батериите

19
Градски парк Скопје, Фото Анета Пијаковска

Зелените површини во урбаните средини позитивно влијаат и на физичкото и на менталното здравје…

Само дваесет минути дневно поминати во градскиот парк придонесува за поголемо чувство на среќа и задоволство, а притоа не мора ни да се вежба, покажа новото истражување на американските научници.

Студијата која е спроведена упатува на тоа дека градските паркови на корисниците им овозможуваат да нурнат во природата, што носи значителни физички и ментални предности, како намалување на стресот и закрепнување од менталниот замор. Резултатите од истражувањата на научниците од американскиот Универзитет Алабама во Бирмингем објавени се во магазинот Journal of Environmental Health Research.

– Посетителите на парковите кои биле опфатени во истражувањето изјавиле дека после престојот во природа многу подобро се чувствуваат и физички и ментално – изјави водичот на студијата д-р Хон К. Јуен, додавајќи дека тој и неговите колеги заклучиле дека нивото на телесна активност на учесниците во истражувањето не било поврзано со подобрувањето на емоционалната состојба. Тоа значи дека и лицата кои не се во состојба да се занимаваат ниту со најблагиот облик на рекреација поради повозрасното животно доба или инвалидитет имаат голема корист од престојот во градските паркови.

Ова истражување ги наведе научниците на заклучокот дека зелените површини во урбаните средини ја поттикнуваат емоционалната благосостојба и дека во градовите е потребно да се направат што повеќе паркови и зелени површини. Лошо е тоа што градските власти и инвеститорите се почесто зелените површини во урбаните средини ги заменуваат со станбени и деловни згради.