Господ Исус Христос правел чуда не за Своја слава, туку да ја зацврсти верата на луѓето кои постојано Го следеле

634

Лазарова Сабота.

Чудата кои се случувале тогаш и во сите времиња до денес, не се нешто неприродно, но се дејствија кои се над ограничениот човечки разум и познатите физички закони и медицински истражувања – тие не се против човекот и човештвото, но се за добро на сите.

Лазар, за кого си спомнуваме денес, живеел во Витанија, место недалеку од Ерусалим, и бил роден брат на следбеничките Христови, Марта и Марија. Исус Христос многу го почитувал ова благочестиво семејство и често престојувал во нивниот дом. Ненадејно, Лазар тешко се разболел, а сестрите негови веднаш побарале помош од Синот Божји, а Тој им одговорил:

„Таа болест не е за умирање, туку за слава Божја, за да се прослави Синот Божји преку неа.“ (Јован 11, 4)

Но, додека Исцелителот бил на пат за Витанија – Лазар починал.

Кога Христос се наближил до куќата на Марта и Марија, дознал дека Лазар веќе не е меѓу живите, но сестрите негови Го пречекале Господа, а Тој ги утешил:

„Твојот брат ќе воскресне. Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре ќе живее. И секој што живее и верува во Мене, нема да умре довека.“ (Јован 11, 23-26)

Потоа, сите заедно се упатиле на местото каде што бил погребан Лазар. Погребението на Лазар било пред четири дена и сите присутни очекувале дека Христос со самото свое присуство на гробното место сака само да му одаде почит на својот починат пријател, но Тој заповедал веднаш да ја тргнат надгобната плоча. Присутните ја кренале плочата, а Исус ги подигнал очите кон небото, се помолил и извикал:

„Лазаре, излези надвор!“

И во тој момент, на запрепастување на сите присутни, покојниот Лазар воскреснал и излегол од гробот.

Господ го направил ова чудо не само заради својот пријател Лазар, но да покаже дека оваа заповед:

„Стани и излези!“, важи за сите луѓе кои живеат и живееле на овој свет.

Воскресението на Лазар станало претходница и праслика на сеопштото христијано воскресение во кое веруваме и на кое се надеваме. Токму тоа е смислата и значењето на ова чудо и на овој голем празник.

‘‘‘

Според Светото Предание, воскреснатиот Лазар Го следел Господа Исуса Христа се до Неговата смрт на крстот и Неговото славно воскресение. Кога настанало големо гонење на христијаните во Јудеја, Лазар избегал на островот Кипар, каде што бил ракоположен за епископ од еден од апостолите. Епископот Лазар Четиридневниот бил духовен татко и водач на кипарските христијани уште 30 години и кон крајот на I век се упокоил во длабока старост. На островот Кипар и денес постои храм посветен на Свети Лазар, каде што се чуваат моштите на овој Божји угодник.

Автор Жагор

Забелешка: Преземањето на оваа содржина е дозволено само ако го наведете изворот со задолжително линкување на нашиот домен и оригиналната статија!

Доколку сакате да прочитате повеќе содржини како оваа, препорачуваме да го посетите нашиот портал www.kukuriku.com.mk, а со лајк на нашата фан страна станувате дел нашето многубројно членство facebook.com/Kukuriku.mk/.