Феноменално откритие старо околу 8.000 години ! Дали најстарата човечка населба на езеро е скриена тука?

1100
Археолози нуркаат во Охридското езеро за да откријат предмети, во селото Лин, Албанија, 11 јули 2025 година. — Ројтерс

Езерото кое се истражува е старо повеќе од милион години.

Археолозите тврдат дека на албанската страна од Охридското Езеро пронашле докази за најстарата човечка населба на европско езеро, за која се претпоставува дека е стара до осум илјади години.

Група научници од Швајцарија и Албанија поминувале и по три часа под вода секој ден макотрпно отстранувајќи ги дрвените столбови што ги потпирале куќите, објавува Reuters.

Археолозите пронашле и коски од домашни и диви животни, бакарни предмети и керамика со детални резби.

Albert Hafner од Универзитетот во Берн објасни дека слични населби се пронајдени во алпскиот и медитеранскиот регион, но дека населбата во албанскиот Лин е половина милениум постара бидејќи датира од периодот пред шест до осум илјади години.

Органскиот материјал е добро зачуван бидејќи е под вода, што ни овозможува да дознаеме што јаделе овие луѓе, што саделе, рече Hafner.

Неколку студии покажале дека Охридското Езеро, кое се наоѓа помеѓу Албанија и Македонија, е најстарото езеро во Европа, старо повеќе од милион години.

Староста на наодите се утврдува со радиоизотопско датирање и дендрохронологија, која ги брои годините на дрвјата. Од локалитетот се собрани повеќе од илјада примероци од дрво.

Се верува дека населбата, каде што живееле неколку стотици луѓе, се протега на околу шест хектари и дека сега, по шест години работа, е ископан само околу еден процент од вкупниот материјал.