Во Кина е спроведено петгодишно истражување на четири илјади жени, кое покажало резултати кои секако ќе им бидат интересни на жените и паровите кои планираат бременост.
Многу парови имаат проблеми со зачнувањето, на кои влијаат многу фактори, вклучувајќи го модерниот начин на живот и стресот. Во Велика Британија околу 15 отсто од паровите го имаат овој проблем, со одредена дефиниција дека проблемот постои доколку жената не забремени по 12 или повеќе месеци редовен незаштитен секс, објаснува Daily Mail.
Често очајни, паровите се одлучуваат за различни решенија – од билки, алтернативи, акупунктура до обиди за вештачко оплодување. Научниците ги бараат и причините за овие проблеми, а досега се спроведени бројни и различни студии, чии резултати би можеле да им помогнат на некои да забременат.
Резултати од една ваква неодамнешна студија се објавени во Daily Mail, а тие опфаќаат повеќе од четири илјади жени на репродуктивна возраст во период од пет години фокусирани на времето за спиење, односно колку времето за спиење може да влијае на шансите на жената да забремени.
Досега се знаело дека спиењето е важно, но овие резултати покажуваат дека не е важно само колку часа спијат жените, туку дека одредено влијание може да има и времето во кое заспале.
Имено, се покажало дека жените кои редовно одат да спијат по 22:45 часот имаат 22 отсто поголеми шанси да имаат проблеми при обидот да забременат.
Резултатите на тој начин покажуваат дека нема разлика во однос на зачнувањето кај жени кои одат на спиење до 22:45 часот, но после тоа време се забележува значителен пад. Како потенцијални причини зошто легнувањето подоцна може да влијае на можноста за зачнување, научниците го споменуваат нарушувањето на внатрешниот часовник на телото што предизвикува хормонална верижна реакција што ја намалува веројатноста за оплодување.
Истражувањето е спроведено во Second Xiangya Hospital во кинескиот град Hunan, а траело помеѓу 2015 и 2020 година. Треба да се нагласи дека истражувањето ги исклучува факторите кои исто така би можеле негативно да влијаат на зачнувањето, како што се дебелината, пушењето и консумирањето алкохол, а некои претходни студии веќе покажале колку алкохолот може да биде штетен за трудниците.
Студијата особено нагласува дека поради модерниот начин на живот, луѓето често легнуваат подоцна, што на крајот може да влијае дури и на можноста за зачнување.