Покрај тоа што поволно делува на помнењето и одржувањето на когнитивните функции, овој додаток во исхраната има и други позитивни ефекти.
Една нова студија открива дека мултивитамините може да играат клучна улога во зачувувањето на когнитивната функција во староста.
Повеќе од 5.000 учесници на возраст над 60 години биле подложени на лични когнитивни тестови во текот на две години, при што добивале различни комбинации на суплементи, од екстракт од какао, мултивитамини до плацебо. Резултатите покажале значително подобрување во севкупните когнитивни вештини и значително подобрување во епизодната меморија кај оние кои земале додатоци.
Когнитивното опаѓање е меѓу главните здравствени грижи за повеќето постари лица, а дневниот мултивитамин има потенцијал да биде атрактивен и достапен пристап за забавување на когнитивното стареење, вели Chirag Vyas, психијатар од Mass General Brigham.
Со комбинирање на податоците од новата студија со мета-анализа на две претходни студии во кои биле вклучени 4.630 луѓе на возраст над 60 години, истражувачите забележале супериорни резултати во когнитивните и тестовите за меморија кај оние кои земале додатоци. Севкупно, комбинирана анализа на 5.203 учесници сугерирала дека мултивитамините можат да го забават когнитивното стареење во просек за две години во споредба со плацебо (не земајќи никакви додатоци).
Резултатите се објавени во American Journal of Clinical Nutrition.
Мета-анализата на три одделни когнитивни студии обезбедува силни и конзистентни докази дека земањето дневен мултивитамин, кој содржи повеќе од 20 есенцијални микронутриенти, помага да се спречи губење на меморијата и го забавува когнитивното стареење, вели Vyas.
Иако студијата не утврдува директна причина и последица, таа ги истакнува потенцијалните здравствени придобивки од одредени додатоци во исхраната. Забележително, претежно белци, биле на возраст над 60 години, што всушност бара понатамошно истражување за да се утврдат придобивките за другите демографски групи.
И покрај позитивните наоди, авторите на студијата велат дека би било добро поблиску да се истражат специфичните витамини и минерали кои се одговорни за когнитивните придобивки.
Клучот е да се разберат механизмите со кои дневниот внес на мултивитамини може да заштити од губење на меморијата и когнитивниот пад со фокус на нутритивниот статус и други фактори поврзани со стареењето, вели епидемиологот Howard Sesso од Brigham and Women’s Hospital во Massachusetts.
Извор: Science Alert



















