Членови од Универзалната декларација за човекови права
Член 20.
1. Секој има право на слобода на мирни собири и здружување.
2. Никој не може да биде принуден да членува во некое здружение.
Член 21.
1. Секој има право да учествува во управувањето со неговата земја, непосредно или преку слободно избрани претставници.
2. Секој има право на еднаков пристап кон јавните служби во неговата земја.
3. Волјата на народот ќе биде основата на власта, волјата на народот ќе се изразува на повремени и автентични избори, што ќе се одржуваат, со универзално и еднакво право на глас и со тајно гласање или според соодветните процедури на слободно гласање.
Член 22.
Секој, како член на општеството, има право на социјана сигурност и има право да ги остваува своите економски, социјални и културни права, неделиви од неговото достоинство и слободниот развој на неговата личност, и тоа преку национални напори и меѓународна соработка и во согласност со поредокот и потенцијалите на секоја држава.
Член 23.
1. Секој има право на работа, слободен избор на работно место, праведни и поволни услови за работа и заштита од невработеност.
2. Секој, без каква и да е дискриминација, има право на еднаква плата за иста работа.
3. Секој кој работи има право на праведен и соодветен надоместок што нему и на неговото семејство ќе им обезбеди достоинствен живот, а кој надоместок ќе биде надополнет, до колку е неопходно, со други средства на социјална заштита.
4. Секој има право да основа и да се зачленува во синдикати заради заштита на неговите интереси.
Член 24.
Секој има право на одмор и слободно време, вклучувајќи ги тука и разумното ограничување на работното време и правото на повремен платен одмор.
Член 25.
1. Секој има право на животен стандард што нему и на неговото семејство ќе им обезбеди здравје и добробит, вклучувајќи храна, облека, живеалиште и медицинска грижа и неопходни социјални услуги, и право на осигурување во случај на невработеност, болест, инвалидност, вдовство, старост или во друг случај на недостаточни средства за живот поради околности што се надвор од неговата контрола.
2. На мајките и на децата им припаѓаат посебна грижа и помош. Сите деца, без оглед на тоа дали се вонбрачни или не, ќе ја уживаат истата социјална заштита.
Член 26.
1. Секој има право на образование. Образованието ќе биде бесплатно, барем на ниво на основно образование. Основното образование ќе биде задолжително. Техничкото и стручното образование ќе бидат општо достапни, а пристапот кон високото образование ќе биде достапно за сите врз основа на заслужените оценки.
2. Образованието ќе биде насочено кон целосниот развој на човековата личност и кон зајакнување и почитување на човековите права и основни слободи. Со него ќе се унапредува разбирањето, толеранцијата и пријателството меѓу сите народи, расни и религиозни групи и ќе се унапредуваат активностите на Обединетите нации за одржување на мирот.
3. Родителите имаат првенственото право да го изберат видот на образованието што ќе им биде дадено на нивните деца.
Член 27.
1. Секој има право слободно да учествува во културниот живот на заедницата, да ужива во уметноста и да го споделува научниот напредок и неговите благодети.
2. Секој има право на заштита на моралните и материјални интереси што произлегуваат од кое и да е научно, литературно или уметничко дело, чиј автор е тој.
Член 28.
Секој има право на општествен и меѓународен поредок, во кои правата и слободите наведени во оваа Декларација можат да бидат целосно реализирани.
Член 29.
1. Секој има должности кон заедницата во која единствено е возможен слободниот и целосен развој на неговата личност.
2. При користењето на своите права и слободи, секој човек ќе подлежи само на такви ограничувања, какви што се определени со закон, со единствена цел да се осигура должното признавање и почитување на правата и слободите на другите и со цел да се задоволат предметните барања во врска со моралот, јавниот ред и општата благостојба во едно демократско општество.
3. Овие права и слободи во ниту еден случај не можат да бидат користени на начин што е спротивен на целите и принципите на Обединетите нации.
Член 30.
Ниедна одредба од оваа Декларација не може да се толкува, како да и дава какво и да е право на некоја држава, групација или поединец да дејствуваат или да сторат некој акт со цел за рушење на правата или слободите предвидени со оваа Декларација.



















