Членови од Универзалната декларација за човекови права
Член 11.
1. Секој обвинет за кривично дело има право да се претпоставува дека е невин се додека не се докаже неговата вина во согласнсот со закон и на јавно судење, на кое тој ги има сите гаранции неопходни за неговата одбрана.
2. Никој нема да се смета за виновен за кое и да е кривично дело поради дејство или пропуст, што не претставувале кривично дело според националното или меѓународното право во времето кога тоа било сторено. Исто така, не смее да се изрече казна поголема од онаа што се применувала во времето кога било сторено кривичното дело.
Член 12.
Никој нема да биде изложен на произволно вмешување во неговиот приватен и семеен живот, домот или преписката, ниту пак на напади врз неговата чест и углед. Секој има право на правна заштита од таквото вмешување или напади.
Член 13.
1. Секој има право на слобода на движење и живеалиште во рамките на границите на секоја држава.
2. Секој има право да ја напушти земјата, вклучувајќи ја и неговата сопствена земја, како и да се врати во својата земја.
Член 14.
1. Секој има право во друга држава да бара и да ужива азил поради прогонување.
2. Луѓето не можат да се повикаат на ова право во случај на прогонување што произлегува од неполитички злосторства или од дејствија што се спротивни на целите и начелата на Обединетите нации.
Член 15.
1. Секој има право на државјанство.
2. Никому не смее произволно да му биде одземено неговото државјанство, ниту пак ќе му се порекне правото да го промени државјанството.
Член 16.
1. Полнолетните мажи и жени, без никакви ограничувања врз основа на расата, националноста или религијата, имаат право да стапат во брак и да основаат семејство. Ним им припаѓаат еднакви права пред бракот, за време на бракот и по неговото раскинување.
2. Бракот ќе се склучи само со слободна и целосна согласност на идните брачни другари.
3. Семејството е природна и основна ќелија на општеството и има право на заштита од страна на општеството и државата.
Член 17.
1. Секој човек има право на сопственост, како самостојно, така и заедно со други.
2. Никој нема да биде произволно лишен од неговата сопственост.
Член 18.
Секој има право на слобода на мислата, совеста и религија. Ова право ја вклучува и слободата – човекот да ја промени својата религија или убедување, како и слободата – човекот, поединечно или во заедница со други луѓе, приватно или јавно, да ја манифестира својата религија или убедување преку подучување, практикување, одржување служби или обреди.
Член 19.
Секој има право на слобода на мислење и изразување. Ова право ја вклучува и слободата да се застапува одредено мислење без никакво вмешување и да се бараат, да се примаат и да се даваат информации и идеи преку медиумите и без оглед на границите.
Продолжува на страна 4



















