Калоѓера | Странските историчари немаат право да ја пишуваат или исправаат македонската историја

1504

Хрватскиот македонист и поранешен почесен конзул на Македонија во Риека, Горан Калоѓера, е категорично протуив идеите за вклучување странски историчари во македонско-бугарскиот спор околу историските прашања.

„Дали странските историчари имаат право да ја пишуваат или да ја коригираат македонската историја? По мое мислење, немаат. Македонскиот народ имал и има голем број исклучителни историчари кои многу аргументирано ја напишаа македонската историја. Се разбира дека секој македонски историчар треба да ги чита литературата и научните дела на странските историчари во оној сегмент кој ја допира македонската историја. Но, тие треба да се читаат критички и промислено. Ако ова се политички памфлети кои одат во контекст на туѓи интереси, тогаш треба да се одбијат веродостојно и аргументирано. Но, со аргументи и факти.

Кога реков дека Македонците имаат голем број признати историчари, тогаш мислев на оние чии текстови и дела ги знам. Ги наведувам оние чии текстови и книги ги читам: Крсте Битовски, Данчо Зографски, Иван Катарџиев, Љубен Лапе, Манол Пандевски, Христо Андонов – Полјански, Петар Стојанов, Глигор Тодоровски, Михајло Апостолски, Велимир Брезовски, Владо Ивановски, Димитар Митрев, Александар Спасов, Тодор Скаловски, Глигор Тодоровски, Блаже Ристовски, Анета Шукарова, Митко Панов, Драги Ѓорѓиев, Ванче Стојчев, Новица Вељановски, Тодор Чепреганов, Наташа Котлар… па, доста беше. Поседувам неколку одлични истории на македонскиот народ, од кои три истакнувам: Блаже Ристовски – ‘Историја на македонската нација’, потоа ‘Историја на македонскиот народ’ (група автори од помладата генерација од Институтот за национална историја) и особено драго и многу научно поставено издание на ‘Историја на македонскиот народ’, исто така во издание на Институтот за национална историја, дело на група автори.

Според мое скромно мислење, македонската историја од минатите векови до денес е доволно обработена и научно втемелена. Се сомневам дека во светот на изучувањето на историјата постојат врвни познавачи на македонската историја, кои би можеле да се спротивстават на веќе објавените научни публикации на македонските историчари. Да се разбереме, ги прочитав јас и овие од ‘страна’, но тоа не е тоа. Македонската историја можат главно да ја пишуваат македонските историчари, кои ги има доволно и се одлични научници“, смета Калоѓера.