Микроскопски „цимери“ живеат на нашите лица ! Научниците велат дека повеќе не можат да преживеат без луѓето

75

Речиси секој човек на планетата е домаќин на микроскопски грини кои живеат во фоликулите на влакната, најчесто на лицето.

Овие речиси невидливи суштества, познати како Demodex folliculorum, се толку тесно поврзани со човекот што научниците сметаат дека постепено преминуваат од паразити во симбионти – организми кои живеат во заемна поврзаност со својот домаќин и повеќе не можат да опстанат самостојно.

Нивниот цел животен циклус – од раѓање до смрт – се одвива на човечката кожа, каде што се хранат претежно со мртви клетки. До овие заклучоци доаѓаат авторите на студија објавена во списанието Molecular Biology and Evolution, пренесува Science Alert.

Адаптирани за живот во човечките пори

Истражувачите ги анализирале геномите на овие грини за да утврдат како еволуирале во средината што им ја обезбедува човечката кожа. Резултатите покажуваат дека животот во заштитените пори довел до необични генетски промени, кои не се забележани кај нивните сродни видови.

„Откривме дека овие грини имаат поинаков распоред на гените што ја контролираат градбата на телото, што е директна последица на нивната адаптација на животот во порите“, објаснува биологот за безрбетници Алехандра Пероти од Универзитетот во Рединг. Според неа, овие промени во ДНК резултирале со специфични физички карактеристики и необично однесување.

Demodex folliculorum достигнува должина од околу една третина од милиметар. Неговото издолжено тело, со нозете и устата сместени на едниот крај, е идеално приспособено за движење низ фоликулите на влакната. Активен е исклучиво ноќе, кога излегува на површината на кожата за да најде партнер, а потоа повторно се повлекува во порите.

Геном сведен на минимум

Анализата, предводена од генетичарот Гилберт Смит од Универзитетот Бангор и биологот Алехандро Манзано-Марин од Универзитетот во Виена, покажала дека овие грини имаат исклучително поедноставен геном.

Бидејќи во човечките пори речиси немаат природни непријатели и конкуренција, со текот на еволуцијата задржале само гени неопходни за преживување. Нивниот генетски материјал е меѓу најмалите регистрирани кај сродните членконоги. Како пример, секоја нивна нога се движи со само три едноклеточни мускули.

Овој генетски минимализам објаснува и зошто се активни само ноќе. Научниците откриле дека изгубиле гени кои ги штитат од ултравиолетово зрачење, како и оние што ја поттикнуваат дневната активност.

Дополнително, тие не можат сами да произведуваат мелатонин – хормон кој кај малите безрбетници го стимулира движењето и размножувањето. Наместо тоа, истражувачите претпоставуваат дека го користат мелатонинот што природно го лачи човечката кожа во самрак.

Необична репродукција и мала генетска разновидност

Истражувањето открива и необични адаптации во нивниот репродуктивен систем. Репродуктивните органи се поместени кон предниот дел од телото, а пенисот кај мажјакот се наоѓа на грбот и е насочен напред, што го прави процесот на парење исклучително специфичен.

Поради нивниот изолиран живот во човечките пори, овие грини имаат многу мала генетска разновидност, што според научниците би можело да претставува еволутивен ќорсокак за видот.

Дали стануваат наши симбионти?

Истражувачите забележале уште еден интересен показател. Грините имаат повеќе клетки во фазата на нимфа отколку кога ќе достигнат зрелост – феномен што научниците го толкуваат како можен прв чекор кон целосно симбиотски начин на живот.

Во меѓувреме, студијата разби и еден долгогодишен мит. Спротивно на претходните тврдења, Demodex folliculorum има функционален анус, што значи дека не ги складира отпадните материи во текот на животот за да ги ослободи дури по смртта.

„Овие грини долго време биле обвинувани за различни проблеми со кожата“, вели зоологот Хенк Брејг од Универзитетот Бангор и Националниот универзитет во Сан Хуан во Аргентина. „Но нивната долготрајна коегзистенција со луѓето можеби значи дека имаат и корисна улога – на пример, да придонесуваат за одржување на порите чисти и незатнати.“