- Честа грешка на родителите е тоа што на училиштето му даваат преголема важност. Децата секој ден ги прашуваат што се случувало во училиште, но одговорите се исклучиво фокусирани на оценка и достигнување. А во училиште се случуваат многу нешта, пријатели, заљубување, односи со наставниците, интересни или здодевни часови … Исто така, тука се и игрите и настаните со врсници надвор од училиштето. За сето ова децата сакаат да зборуваат, ако нивните родители би ги слушале со интерес и без проценување. Ако родителите ги интересира само успехот, тие мислат, “Воопшто не се грижат за мене, само сакаат да знаат кои оценки ги добив.” Да се задржи довербата и добар однос со детето, важно е да се предвиди дека тие имаат живот и надвор од училиштето и оценките. Не е секогаш точна родителската претпоставка “добри оценки = сè е во ред.” Односот на доверба со детето, ќе се одржи преку случајни и навидум безначајни разговори за игри или подоцна за музика и филмови. Тоа е начин да се задржи доверба која ќе му помогне на детето да дојде тогаш кога ќе биде потребен “сериозен” разговор или ќе му биде потребна помош кога е во неволја. Слушајќи ги “обичните” теми на детето му покажуваме дека се грижиме за него и тоа се доживува дека вреди и дека родителот е заинтересиран за него / неа, па така ќе има доверба да дојде за помош кога тоа е навистина важно.
За Кукурику.Мк педагог Виолета Крстевска Васиќ


















