Зошто се слави Денот на вљубените?

3433

Денот на вљубените е еден од најславените празници кога луѓето насекаде низ светот си разменуваат подароци, чоколади и цвеќе.

Сите парови со нетрпение чекаат да го прослават овој ден на љубовта, но дали всушност луѓето се запознаени со тоа од кога потекнува овој празник и зошто се слави св. Валентин?

Историјата за овој ден и неговиот патрон е сè уште мистерија, но познато е дека уште пред раѓањето на Св. Валентин луѓето месецот февруари го сметале за месец на љубовта. Денот на вљубените, којшто денеска се слави насекаде низ светот е комбинација на христијанската и на античката римска традиција.

Денеска, Католичката црква разликува тројца различни светци кои се викаат Валентин или Валентинус, но тоа што е заедничко за сите нив е дека сите биле маченици. Но, зошто овој мистериозен светец толку многу се поврзува со љубовта? Според една легенда, Валентин бил свештеник којшто служел во Рим, во третиот век од нашата ера.

Во тоа време, императорот Клавдиј II одлучил дека сите мажи коишто не се оженети, се подобри војници од оние коишто имаат жена и деца, па затоа го забранил бракот за сите млади мажи. Тој мислел дека на тој начин ќе има повеќе способни мажи коишто ќе можат да ѝ служат на земјата и така ќе ја зголеми својата армија.

Валентин, сметајќи дека тоа е голема неправда спрема младите луѓе, ја негирал наредбата на императорот и продолжил да ги венчава младите луѓе во тајност. Кога овие тајни венчавки биле откриени, Клавдиј II наредил Валентин да биде убиен.

Според друга легенда, Валентин бил првиот кој го дал првиот подарок во чест на љубовта. Додека бил во затвор, тој се вљубил во една млада девојка, којашто била ќерка на чуварот и којашто го посетувала за време на неговиот престој во затворот.

Пред неговата смрт, тој напишал писмо во коешто на крајот потпишал „Од твојот Валентин“ и овој израз во католичките земји до ден денес се користи. Иако не се знае точно која е вистината зад сите легенди, сепак секоја приказна раскажува за тоа дека тој е херој и романтичен човек, кого народот многу го сакал. Во периодот на Средниот век, Валентин е еден од најсаканите светци во Англија и Франција.

Иако одамнешни времиња февруари се смета за месец на љубовта, во средниот век поетот Џефри Чосер е првиот којшто Св. Валентин го поврзал со романтична љубов. Во тој период започнал ритуалот со изјавување на љубов и подарување на писма и подароци, но сето тоа се правело во тајност. Оваа традиција се проширила низ цела Европа, а потоа луѓето официјално почнале да го празнуваат 14 февруари како ден на вљубените.