Желбата за секс се намалува и кај мажите кога ќе станат татковци

435

Едно најново истражување покажува дека не се жените единствените, кои го губат интересот за сексуалниот живот, кога во семејството ќе дојде бебе.

Тоа им се случува и на татковците, особено на оние кои навистина ќе се посветат на оваа улога. Новопечените татковци водат љубов со својата партнерка поретко и изгледа дека колку партнерот е подобар татко, толку помалку секс има меѓу партнерите.

Студијата опфати 400 помлади мажи на Филипините, кои им помогнале на научниците да дојдат до заклучок дека кај помладите татковци сексот сериозно се намалува кога на свет ќе дојде детето.

Ли Гетлер, антрополог од Универзитетот Нотр Дам во Индијана, собрал медицински, но и животни информации за мажите на возраст меѓу 21 и 26 години и открил дека доаѓа до физиолошки, но и до промени во однесувањето на оженетите мажи, кои добиле деца.

– Кога се ожениле нивото на тестостерон кај нив опаднало, а уште поголемо опаѓање е забележано кога го добиле првото дете, вели Гетлер за „Гардијан“.

– Не сметав дека тестостеронот ќе влијае на сексуалното однесување на мажите, но тестовите открија дека мажите се насочиле на татковството и оти колку повеќе тоа го правеле, толку повеќе нивниот тестостерон опаѓал, а резултатот бил поредок секс со партнерот, вели Гетлер.

Освен низ физиолошката промена, Гетлер наведува дека мажите минуваат и низ психолошки промени, кои им помагаат да се прилагодат на новата улога, што ја добиле.