Жанета Трајкоска | Почнете од партиските порталчиња

670

Владата вчера најави Акциски план против ширење дезинформации. Дојче веле отвора дебата и побара став на оваа тема од медиумските експерти во земјата.

Проблемот со дезинформациите ниту е нов, ниту ќе исчезне во скоро време, па затоа е важно сите сегменти од општеството да се активираат во сузбивањето на лаги во вестите, дезинформации од изворите, ширење пропаганда и манипулација од политичарите и сеење страв и говор на омраза на социјалните медиуми. Во тој контекст, заложбата на Владата во борбата против дезинформациите треба да ја поздравиме. Сепак, истовремено треба да потенцираме и посочиме дека секој од нас што учествува во креирање на јавното мислење и во јавниот простор треба да почне да си го средува и чисти сопствениот двор. Владата треба да биде суштински транспарентна и отворена не само кон новинарите, туку кон сите граѓани. Најлесно, но истовреме и најтешко, тоа се постигнува со дигитална влада или со ставање на што повеќе (или сите) документи од јавен интерес на интернет. Ваквата транспарентност ќе ги намали можностите одредени полускриени работи да се злоупотребуваат и да се креираат дезинформации и лаги, оти нема ни да има полускриени работи. Но, за овој чекор да се направи мора да се смени и свеста на јавната администрација која е навикната (или уплашена сеедно), да ги крие документите во име на шефот. На пример, платите, трошоците, јавните набавки, дозволите, продавањето државни земјишта, меѓупартиските договори, вработувањата…

Ваквата транспарентност подразбира и да се едуцираат граѓаните и постојано да се охрабруваат да бараат информации, да бидат контролори на работењето на локалните и државните власти и да се вклучат во нивното работење. Не сум сигурна дека имаме администрација која е подготвена за ваков чекор.

Воведувањето на медиумската писменост во образованието е основниот чекор во создавење критичко граѓанство, но тоа не е брзо решение на проблемот со дезинформациите. Еден од побрзите „лекови“ во Македонија е политичките и партиските елити да се оддалечат и да ги прекинат врските со порталите и квази-медиумите кои немаат сопственик, немаат новинари, немаат импресум, едноставно, не се медиуми. Не може да имаме заложби од сите страни за борба против дезинформации, а политичките елити да си ги негуваат овие порталчиња во нивните дворови, оти тие се на нивна страна и ги користат по потреба за да остварат одредена партиска мини победа и да пуштат одреден став или полувистина кој ќе создаде хаос во медиумскиот јавен простор. Ова за мене е првиот чекор од политичарите што го очекувам и ако ова не го направат јасно и видливо, се останато ќе се сведе само на убави и празни зборови. Така ќе помогнат и на професионалното новинарство, без опасно да навлегуваат во сивата зона на „едукативни програми и тренинзи наменети за медиумските работници со цел нивно професионално сензибилизирање во борбата со дезинформациите”.

Едукацијата и тренинзите треба да се остават на новинарските школи, факултети, редакции и новинарските невладини организации.

Жанета Трајкоска – директор на Институтот за комуникациски студии во Скопје