Во тек е најголемиот психолошки експеримент во историјата

483

Во тек е најголемиот психолошки експеримент во историјата, тврдат психолозите.

Пандемијата на коронавирусот, карантините, мерките за изолација и самоизолацијата влијаат врз милијарди луѓе во светот. Бројни психолози во многу земји сега истражуваат како луѓето всушност реагираат на неволјите, пишува Scientific American.

„Влијанието на пандемијата врз менталното здравје е неверојатно. Во еден момент, дури третина од светската популација беше затворена во нивните домови. Ова значи дека 2,6 милијарди луѓе, повеќе отколку што имало на планетата за време на Втората светска војна, ги доживеале емотивните и финансиските реперкусии на пандемијата. „Пандемијата и карантините се без сомнение најголемиот психолошки експеримент во историјата кој е спроведен“, напишал психологот Елке Ван Хоф, професор на Слободниот универзитет во Брисел, пренесува американскиот научен весник.

Една од клучните карактеристики на луѓето е прилагодливоста, а таа дојде до израз за време на пандемијата, вели психијатарот Џорџ Ваилант од универзитетот Харвард, кој вели „кога некоја гранка се наведнува и не се скрши, таа се враќа и продолжува да расте“.

Најновите откритија на психолошкото истражување зборуваат во прилог на метафората на Ваилант. Според нивните резултати, дури две третини од луѓето многу брзо се опоравуваат и не страдаат од долгорочни психолошки проблеми по тешки стресни ситуации.

Меѓутоа, една третина од нив страдаат од вистински психолошки проблеми што можат да траат со месеци, па дури и со години.

Дури и ако мнозинството се покаже како отпорно, добар дел од луѓето се загрозени од психолошкото влијание на пандемијата, па нè чека вистинско цунами на ментални заболувања, предупредуваат експертите.

Луѓето се соочуваат со повеќе удари – страв од болест, осаменост, губење на најблиските, последици од економската криза, неизвесност кога ќе заврши пандемијата. Поради тоа многумина ќе страдаат од депресија, вознемиреност или посттрауматски стрес. Ова го покажаа и резултатите од најновото истражување.

Продолжува на страна 2