Големиот или Велигденски пост се состои од два дела. Првиот период е т.н. света Четириесетница (40 дена), а вториот е Седмица на Страдањата или Страсна Седмица.
Првиот дел од Постот завршува на празникот познат како Лазарева Сабота и приличи на период во кој Самиот Христос доброволно постел во пустината 40 дена допуштајќи му на сатаната да Го искушува.
Во овој период, Црквата се „оддалечува“ од Исуса Христа и докажува дека без Него не може да живее, затоа и богослужбите во црвките се поинакви, а свештениците облекуваат темни и не многу светли одежди.
Неделите во светата Четириесетница се посветени или на некој светител, или на некој настан од животот и историјата на Црквата, така што:
првата недела е наречена Недела на Православието и се потсетува на победата над иконоборците;
втората е посветена на Свети Григориј Палама – посветена на длабоката и искрена молитва;
третата седмица е посветена на Чесниот Крст и се нарекува Крстопоклона;
четвртата на Свети Јован Лествичник – посветена на скалилата кон достигнување совршенство;
а петтата е посветена на Света Марија Египетска – жена за пример во богоуподобувањето.
Во саботата од шестата великопосна недела се спомнува за воскреснувањето на Лазар, непосредно пред доаѓањето на Исус Христос во Ерусалим. Влегувањето на Господ Исус Христос во Ерусалим го обележуваме како празник во народот познат како Цветници.
Во последната, Страсната Седмица секој ден има свое значење и ги симболизира последните денови од земниот живот на Исуса Христа.
Во овие денови се потсетуваме на предавството на Јуда, за Тајната Вечера, судењето, страдањето, раснувањето и крсната смрт Христова. На крајот на овој период, сите со молитвена радост го исчекуваме светлото Христово Воскресение.