Светската метеоролошка организација предупредува | Овој континент станува се потопол, подгответе се за уште посмртоносни лета

864

Само во 2022 година е забележана најголема количина на сончево зрачење од почетокот на мерењата во 1983 година.

Европа треба да се подготви за уште посмртоносните топлотни бранови предизвикани од климатските промени, се вели во сеопфатниот извештај објавен во понеделникот, во кој се посочува дека Стариот континент, кој се загрева најбрзо во светот, минатата година бил за околу 2,3°C потопол отколку во прединдустриска ера.

Сушата која ги уништува посевите, рекордните високи температури на површината на морето и невиденото топење на глечерите се само дел од последиците споменати во извештајот на The World Meteorological Organization и службата за климатски промени Copernicus на ЕУ.

На континентот, кој се затоплува двојно побрзо од глобалниот просек од 1980-тите, минатата година е забележано најтоплото лето досега, а земјите како Франција, Германија, Италија, Португалија, Шпанија и Обединетото Кралство ја забележаа најтоплата година во историјата.

Светот се загреал во просек за речиси 1,2°C од средината на 19 век, предизвикувајќи разорна каскада од екстремни временски настани, како што се поинтензивни топлотни бранови, посилни суши во некои области и бури кои станале посилни како се зголемува нивото на морето.

Најзагрозените луѓе во светот и најсиромашните земји се најтешко погодени, а премалку е направено за да се помогне во намалувањето на емисиите на фосилни горива кои ја подигаат температурата.

Сепак, негативните временски влијанија стануваат сè посериозни ширум светот, а особено брзото затоплување е забележано во регионите на северната хемисфера и оние околу половите.

Високите температури ширум Европа „уште ги влошија претходно постоечките долгорочни сушни услови, поттикнаа огромни шумски пожари што резултираа со втора по големина изгорена површина во историјата, а беа регистрирани илјадници смртни случаи кои лекарите ги поврзуваа со топлината“, рече главниот секртеар на СМО, Petteri Taalas.

Во извештајот со наслов „Состојбата на климата во Европа 2022“ се наведува дека температурите на целиот континент се зголемени за 1,5°C за 30 години, односно од 1991 до 2021 година.

Екстремните горештини предизвикаа повеќе од 16.000 смртни случаи минатата година, а поплавите и бурите се одговорни за голем дел од штетата од околу 2 милијарди долари предизвикана од временските и климатските екстреми.

За жал, сето горенаведено не може да се смета за еднократна појава или да се припише на климатска измама, напиша директорот на Copernicus, Carlo Buontempo, во извештајот.

Тековното знаење и сегашното разбирање за климатскиот систем, како и неговата еволуција, укажуваат на тоа дека ваквите настани станаа дел од шемата што ќе го направи екстремниот топлотен стрес уште почест и поинтензивен во целиот регион.

Зголемените температури оставија белег врз светските економии и екосистеми, се истакнува во извештајот.

Така, на Алпите, во 2022 година, за само една година се стопило повеќе мраз од глечерите од кога било досега и може да се зборува за рекорд. Причината за тоа е многу малку снег, екстремно топли лета и „наслаги“ на сахарска прашина донесена од ветрот.

Слична е ситуацијата и со океаните. Просечната температура на површината на морето во Северниот Атлантик е најтоплата досега забележана. Стапката на затоплување во источниот дел на Средоземното Море, Балтичкото и Црното Море и во јужниот дел на Арктикот е повеќе од три пати повисока од глобалниот просек.

Морските топлотни бранови, кои можат да поместат, па дури и да убијат одредени животински и растителни видови, траат непрекинато и до пет месеци во неколку региони. Меѓу нив се западниот дел на Медитеранот, Ла Манш и областа околу јужниот дел на Арктикот.

Во поголемиот дел од Европа врнежите беа под нормалата, што сериозно влијае на земјоделското производство и резервите на вода, а во исто време создава поволни услови за избувнување на шумски пожари.

Во 2022 година е забележана втората по големина опожарена површина во регионот. Огромните пожари опустошија делови од Франција, Шпанија, Португалија, Словенија и Чешка.

Резервите на вода во Шпанија се намалија на помалку од половина капацитет до јули 2022 година, откако жителите на Пиринејскиот Полуостров доживеаја четврта последователна посува година од просекот.

Во делови од Франција, земјоделците не можеа да ги наводнуваат нивните ниви, а сувите услови исто така влијаеа на жетвата на житото и бербата на грозје во Германија.

Сушата влијаеше и на производството на енергија, што резултираше со намалување на хидроелектричната енергија, но и во производството на некои нуклеарни централи, кои во голема мера се потпираат на снабдувањето со вода за ладење на постројките.

Сепак, во извештајот се споменува еден позитивен знак за иднината. Ветерната и сончевата енергија произведоа 22,3% од електричната енергија на ЕУ во 2022 година, со што за прв пат го надмина производството на фосилни горива.

Во извештајот се наведува дека овој резултат се должи на комбинација на фактори, вклучително и „значително зголемување“ поради воведувањето на сончевата енергија во текот на изминатата година.

Сонцето и ветерот се надополнуваат во текот на годината – сончевото зрачење е посилно во доцна пролет и лето, додека интензитетот на ветерот има тенденција да биде поголем во зима, се вели во извештајот.

Иако во Европа во последните 30 години нема значаен тренд на промена на ветерот или дождот, во извештајот се вели дека количината на сончева светлина значително се зголемила, а само во 2022 година е забележана најголема количина на сончево зрачење од почетокот на мерењата во 1983 година.

Забелешка: Преземањето на оваа содржина е дозволено само ако го наведете изворот со задолжително линкување на нашиот домен и оригиналната статија!

Доколку сакате да прочитате повеќе содржини како оваа, препорачуваме да го посетите нашиот портал www.kukuriku.com.mk, а со лајк на нашата фан страна станувате дел нашето многубројно членство facebook.com/Kukuriku.mk/.