Совет од една мајка | Не го посетувајте новороденчето пред мајката да ви дозволи!

1490

Блогерката Грејс Велдон го споделила своето искуство, а да ги предупреди мајките да не дозволат посети кај бебето најмалку една недела по раѓањето.

„Приврзана сум за семејството од двете страни. Мојата свекрва и девер живееја со нас 10 години, моите деца прават рачно изработени подароци за роднините, а јас се трудам секој голем празник сите да ги соберам на едно место. Но, сега сите ги предупредив да не остават на мир барем една недела од раѓањето на бебето. Станав алергична на доаѓањата и заминувањата во првата недела откако бабата на мојот сопруг ја игнорираше молбата во текот на тој период да бидеме исклучиво сами.

А, еве и како беше.

Три дена откако се роди нашето прво дете, баба ни остави гласовна порака. Доаѓам. Веднаш. Сега.

Сопругот и јас само што почнавме да уживаме во кругот наречен „мама, тато и бебето“. Бенџамин беше вистинско мало чудо. Тоа беше нашето време во кое за првпат ја откривавме магијата на родителството и не сакав да ги комплицирам работите водејќи пријатни разговори околу тоа како „изгледам одлично“.

Бев исцрпена и претрупана со обврски, токму како и сите млади мајки кои штотуку се оствариле во таа улога. Чекате 9 месеци за да го видите тоа мало суштество кое расте во вас. Меѓу другото, брадавиците ми беа воспалени, бев ненаспана, а нивото на естроген со голема брзина ми опаѓаше. Знам многу мајки кои многу бргу по породувањето можат да се вклучат во социјалниот живот, но кај мене тоа не функционираше така.

Кога пристигна бабата на мојот сопруг, сето она што дотогаш го чувствував полека исчезна. Сето тоа е убаво да се види, посебно моментот кога го бакна, но мојата разнежнетост испари истиот миг кога ми го одзеде од рацете со спретност на крадец. Го почувствував мирисот на нејзиниот парфем кој се рашири во просторијата, а моментот кој дефинитивно ме изнервира беше кога одби да ми го врати бебето во прегратка, иако Бенџамин почна да се бунтува.

„Јас умеам со бебињата“ – ми кажа, обидувајќи се да ме убеди дека треба да се опуштам. Не успеа.

Го стави на своето рамо, со лицето свртено кон нејзиниот џемпер, кој, без шега, беше толку парталав што мислев дека ќе ми се задуши детето. Кога и пријдов да го земам, бабата се сврте и почна да го крева Беџамин горе-доли, одејќи кон другиот крај на собата, како да бега од мене. Бебето сега навистина почна да плаче. Да вреска. Оној очаен плач кој го активира секој нерв во телото на новопечената мајка.

Косата на главата ми се крена. Ја отворив устата и вресокот во грлото се закани дека ќе излезе надвор. Никогаш дотогаш не сум почувствувала такво нешто – бран на енергија кој ги надминуваше емоциите. Дотрчав до бабата како мајка гризли и успеав да изустам неколку зборови наместо да почнам да врескам.

– Сакам истиот момент да ми го вратите бебето инаку нема да бидам одговорна за она што ќе го изговорам и направам – реков колку што можев поприбрано.

Таа, која инаку ми го даде прекарот „слаткото девојче“ кога првпат ме запозна, беше шокирана. Воопшто не беше свесна дека, во овој момент на постпородилен бес, бев во состојба да и ги заријам забите во раката ако тоа е потребно.

Го зграпчив својот расплакан син, го однесов во спалната соба и ја треснав вратата. Адреналинот сè уште струеше низ моето тело. Доењето не смири и мене и него, но не сосема. Останав во собата сè додека не замина. Кога сопругот ѕирна низ вратата, сфатив дека дури и тој малку се исплашил од мене.

Сигурна сум можев многу подобро да реагирам и да ја поднесам целата ова ситуација. Искрено, можеше и таа. Ако ништо друго, барем мојот сопруг сфати дека членовите на нашето семејство мора да ги држи што подалеку барем една недела откако ќе излезам од породилиштето. Така и беше, имајќи предвид дека оттогаш се породив уште три пати.

Тоа исто така ме научи дека нема ништо посилно од импулсот на мајката која штотука се нашла во таа улога и која сака да биде сама со своето бебе.

Претпоставувам дека многу мајки ќе се согласат со мене. Не го посетувајте новороденчето ако мајката ве замоли да се држите подалеку. Таа навистина тоа го мисли.“