Сензационално откритие кај Аргентина ! Научниците пронајдоа огромен корален гребен полн со живот

101

Во темните длабочини на Јужниот Атлантски Океан, недалеку од брегот на Аргентина, научниците открија огромен длабокоморски корален гребен кој изобилува со живот.

Станува збор за подводен екосистем со површина приближно колку Ватикан, во кој се наоѓа и најголемиот досега откриен гребен од реткиот ладноводен корал Bathelia candida, пишува Science Alert.

Истражувачите го опишуваат местото како „магична земја на чудата“, населена со ракови, морски ѕвезди, риби и октоподи, кои успеваат да опстанат во целосен мрак и под огромен притисок.

„Тоа е една од најживописните и најбујни длабокоморски средини што сум ги видел“, изјави Сантијаго Херера, биолог за длабоко море од Универзитетот Лихај.

Оази на живот во вечната темнина

Длабокото морско дно и понатаму останува едно од најмалку истражените места на Земјата. Под одредена длабочина, сончевата светлина повеќе не допира, а условите се исклучително сурови.

Сепак, благодарение на современата технологија, научниците во последните децении откриваат дека и во овие екстремни услови постојат богати екосистеми. Наместо фотосинтеза, животот таму се потпира на хемиски процеси и на специфични „оази“ кои овозможуваат опстанок на многу видови.

Коралното царство било откриено сосема случајно

Истражувачите од Океанскиот институт „Шмит“, користејќи го истражувачкиот брод „Фалкор“ и подводниот робот „СуБастијан“, првично барале ладни извори на морското дно. Наместо тоа, наишле на спектакуларен корален гребен кој се протега на околу 0,4 квадратни километри.

„Не очекувавме толку голем биодиверзитет во аргентинското длабоко море. Возбудени сме што откривме екосистем кој буквално врие од живот“, изјави морската научничка Марија Емилија Браво од Универзитетот во Буенос Аирес и CONICET.

За разлика од плитководните корали, кои добиваат енергија преку симбиоза со алги, длабокоморските корали се хранат со органски честички познати како „морски снег“, кои паѓаат од површинските слоеви на океанот.

Првпат откриен труп од кит во аргентинските длабочини

Во текот на експедицијата, научниците истражиле околу 900 километри морско дно и забележале уште неколку значајни откритија.

За првпат е регистриран труп од кит во длабоките води на Аргентина, на длабочина од 3.890 метри. Остатоците од животното претставуваат извор на храна и живеалиште за бројни организми и можат да одржуваат цели екосистеми со децении.

Истражувачите ја забележале и џиновската фантомска медуза (Stygiomedusa gigantea), една од најретките медузи во светот. Ова мистериозно суштество може да достигне должина и до 10 метри, а досега се регистрирани помалку од 120 средби со него.

Можно откритие на нови видови

Особено фасцинантно е што новооткриениот корален гребен се наоѓа во близина на активен ладен отвор, кој има сопствен уникатен екосистем богат со хемосинтетски школки.

Меѓу собраните примероци, научниците идентификувале дури 28 организми за кои постои сомнеж дека претставуваат сосема нови видови за науката.

Откритието уште еднаш потврдува дека длабочините на Јужниот Атлантик кријат светови кои допрва треба да бидат истражени, а секоја нова експедиција отвора врата кон нови изненадувања.