Епидемиологот Лари Брилијант (75), кој го предупреди светот на пандемијата во 2006. година, вели дека можеме да го победиме корона вирусот, но дека пред сè наши приоритети се масовното тестирање.
Пред 14 години, Лари Брилијант, епидемиолог кој учествувал во искоренување на сипаници, зборувал во својот TED говор за следната пандемија. Неговите предвидувања биле толку застрашувачки што малкумина го сфатиле сериозно. И сега на сите им е јасно дека тој бил во право.
– Милјарди ќе се разболат. Околу 165 милиони луѓе ќе умрат. Ќе има глобална рецесија и депресија, а трагедијата на над 100 милиони мртви нема да биде ништо во споредба со трагедијата што ги чека преживеаните – рецесија, депресија, недостаток на работа, недостаток на здравствена заштита. Последиците од таа пандемија ќе бидат незамисливи – зборуваше тој пред 14 години.
Тој незамислив пекол пристигна денес, а Брилијант е на чело на тимот за да се стави крај на оваа пандемија, која штотуку започнала и која целосно направи пресврт во нашите животи.
Во интервју за списанието “Wired”, тој зборува за тоа што нè чека за време и по оваа пандемија.
– Јас го насловив својот ТЕД-говор „Помогнете ми да ја запреме пандемијата“. Мојата желба тогаш не била исполнета, но биле започнати некои од системите што ги барав во тоа време. Смешно е тоа што сите сте го гледале филмот „Contagion“. Луѓето велат дека тој предвидел сè. Не, науката вели така. Епидемиолозите предупредуваат последните 10-15 години дека тоа ќе се случи, но тешко е да се натераат луѓето да слушаат.
Вирусот корона е нов, и затоа нема човек на планетава кој е имун на него, бидејќи никој досега го немал. Тоа значи дека може да зарази над седум милијарди наши браќа и сестри ширум светот.
Што се однесува до повторната инфекција со корона вирусот за која се зборува, верувам дека попрво ќе биде дека тестовите не успеале отколку што навистина дошло повторна инфекција. Сепак, имајте на ум дека милиони од нас ќе се разболат од овој вирус. Сè е можно. Ова е најопасната пандемија со која се соочуваме. Она што сега е навистина важно е сите ние да се изолираме за да ја развлечеме кривата на заразата што е можно повеќе. Со текот на времето, ќе дојдеме до епидемиолошки златен прстен.
ШТО Е ЕПИДЕМИОЛОШКИ ЗЛАТЕН ПРСТЕН?
– Ова значи дека, прво, голем број луѓе ќе го преболат корона вирусот и ќе станат имуни на него, и второ, ќе развиеме вакцина. Комбинацијата од двете ќе биде доволна за развој на имунитетот на стадото, што значи заштита за околу 70 до 80 проценти од населението.
КОГА ЌЕ СЕ ВРАТИМЕ ВО НОРМАЛЕН ЖИВОТ?
– Добрата вест доаѓа од Кина и Јужна Кореја. Сепак, кинескиот модел на борба тешко може да се примени во други земји. Не можеме да ги заклучуваме луѓето. Јужнокорејскиот модел, со масовно тестирање, е многу полесен за примена. Не заборавете, додека Америка направила помалку од 1.000 тестови, Јужна Кореја направила 200.000. Тестовите се исклучително важни за да се знае каде се жаришта на вирусот. Дали сметате дека фактот дека Зимбабве нема никакви случаи значи дека таму нема вирус? Не, тие едноставно не ги направиле тестовите. Најкорисни би биле домашните тестови.
Дали сум исплашен? Јас сум во најризичната група. На крајот на краиштата, ако не сте загрижени, тогаш воопшто не ги следите вестите. Но, не се плашам. Цврсто верувам дека можеме да го зауздаме вирусот и дека наскоро ќе ја добиеме вакцината. Треба само да имате предвид дека ова не е крај на светот или зомби апокалипса. Ова не е процес на масовно умирање. Ситуацијата ќе биде ставена под контрола.
ТРЕБА ЛИ ДА НОСИМЕ МАСКИ?
– N95 маските се одлични. Сепак, порите на нив се широки три микрони. Самиот корона вирус е широк еден микрон. Така да, постои став дека овие маски не нудат целосна заштита, но замислете три големи момци кои се обидуваат да се протуркаат низ вратата истовремено. Нема да успеат. Маската нуди заштита, не целосна, но нуди одреден степен. Според некои бројки, дури и пет пати поголема заштита отколку да не носите ништо. За мене, тоа е доволно за совет да ја носиме, но да имаме предвид дека сега насекаде има недостаток на маски и дека на медицинскиот персонал им се – најпотребни.
КАКО ЌЕ ЗНАЕМЕ ДЕКА ЗАВРШИЛА ПАНДЕМИЈАТА?
Светот нема да се врати во нормала се додека не се случат три работи:
Прво, да видиме како тече инфекцијата и дали ги знаеме сите начини на пренесување. Ако сега го видиме само врвот на ледениот брег поради недоволно тестирање, ние сме во неволја.
Второ, треба да имаме третмани кои делуваат, лекови или вакцини или и двете.
Трето, а можеби и најважното, е дека најважните луѓе – медицинските работници, лекари, полицајци, пожарникари и наставници – да добијат имунитет и да бидат тестирани за да сме сигурни. Само тогаш ќе можеме полека да започнеме да градиме нормален живот без страв. Во првиот наплив, треба да работат само оние кои го прележале овој вирус. На тој начин, ќе бидеме сигурни дека лекарите и медицинските сестри кои се грижат за старите лица нема да го пренесат вирусот, дека можеме слободно да одиме на забар, дека можете да го испратите вашето дете на училиште.
Како и секоја катастрофа, и ние од оваа ќе имаме што да научиме и примениме. Ќе мора да ревидираме како функционираат работите, што треба да се смени во системот и што можеме да подобриме, а што можеме да отфрлиме – заклучува Лери Брилијант.
Кој е Лери Брилијант
Тој е еден од најистакнатите американски епидемиолози, се борел против големи сипаници, грип, детска парализа, слепило, работел за Светската здравствена организација … Интересно е што тој бил еден од стручните консултанти на филмот „Contagion“, снимен во 2011. година., а во кој вирусот се шири низ целиот свет на идентичен начин, но последиците не само што се многу полоши, туку се фатални.