Почина Љубиша Георгиевски

314

Утринава Македонија се збогува со уште еден великан!

На 81 годишна возраст, почина најголемиот македонски театарски режисер, професорот Љубиша Георгиевски.

Љубиша Георгиевски, роден на 30 мај 1937 година во Битола, е театарски и филмски режисер, драмски писател и есеист, теоретичар на театарот и професор по театарска режија и актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Како политичар, бил претседателски кандидат (1994), амбасадор во Бугарија (2000-2004) и претседател на Собранието на Република Македонија (2006-2008).

Дипломирал на Академијата за театар, филм, радио и телевизија, група „Театар и радио режија”, во Белград, 1974.

Како театарски режисер, има поставено преку 160 постановки во Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Бугарија, Романија, Полска и други држави, како и четири постановки во САД, каде на универзитетите во Јужна Калифорнија и Тексас предавал теорија на театарот и актерска игра. Неговите претстави се играат на повеќе од десет јазици и истите гостувале ширум Европа, од кои позначајни гостувања се во Москва и Виена.

Досега има објавено десеттина книги. Како филмски режисер има режирано четири филма. Како новинар има напишано преку двесте авторски колумни во „Дневник”.

Добитник е на повеќе од дваесетина награди во рамките на поранешна Југославија, како и наградата од критиката за претставата „Искушение” од Вацлав Хавел во Theater Center како најдобра претстава на театарската сезона. Неговите пиеси „Црна” и „Јованка Орлеанска” се играни со успех, а некои од нив сè уште се на репертоарот.

На претседателските избори во 1994 година Георгиевски бил претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Од 2000 до 2004 бил вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Бугарија.