Во Саудиска Арабија, во близина на античко исушено езеро, се пронајдени стапалки на луѓе, слонови и други животни, стари 120.000 години.
Седумте стапалки пронајдени околу античкото езеро во северниот дел на Табук, претставуваат најстар доказ за присуството на луѓе на Арапскиот полуостров.
Експертите сметаат дека се работи за траги на најмалку две лица и тие велат дека тоа би можело да помогне во разбирањето на патиштата што ги поминале од Африка.
Метју Стјуарт, истражувач од Институтот за хемиска екологија „Макс Планк“, рече дека стапалките се уникатни форми на фосилни докази.
„Знаеме дека луѓето го посетуваа езерото истовремено со животните, а што е невообичаено за таа област, таму немаше камени алатки“, рече Стјуарт, додавајќи дека луѓето најверојатно ја посетиле областа за вода и храна.
Други истражувачи наведуваат дека отпечатоците припаѓаат на современите луѓе, засновани на растот и масата, а не на неандерталците, за кои не се знае дека биле на овие простори во тоа време.
Денес, Арапскиот полуостров е составен од огромни пустини кои во тој период не би биле населени со луѓе и животни. Сепак, во последните 10 години, научниците открија дека областа била многу позелена и повлажна, па луѓето можеле да опстанат во неа.



















