Откриен астероид кој во иднина може да стане опасен за Земјата

178

Новиот астероид кој во иднина е поврзан со потенцијален ризик од судир со Земјата, го откри рускиот астроном Леонид Еленин, научен соработник на Институтот за применета математика “М.В.Келдиш” на Руската академија на науките (Затрчав), пренесоа агенциите.

“Астероидот ја доби ознаката 2015 LK24 во Центарот на малите планети, кој ги регистрира сите слични објекти”, изјави астрономот.

“Димензиите му се околу 160 метри. На 26 јуни ќе се приближи кон Земјата на безбедна оддалеченост од 4,7 милиони километри. Во моментот на максималното доближување осветленоста ќе достигне едвај 17-а ѕвездена величина и од оваа причина нема да може да се набљудува со голо око “, додаде тој.

Новото небесно тело е вброено во потенцијално опасните.

“Траекторијата на астероидите се менува под влијание на планетите, крај кои минуваат. Орбиталниот период на 2015 LK24 во Сончевиот систем е околу 5 години. Астероидот се движи по издолжена орбита – ту се приближува кон Сонцето, ту ја достигнува орбитата на Јупитер. Засега не знаеме дали ќе помине поблиску или подалеку од Земјата при следните доближувања до неа“, истакна Еленин.

Во категоријата на потенцијално опасните астероиди спаѓаат оние кои се со дијаметар над 100-150 метри и минуваат на растојание од 0,05 астрономски единици (7,5 милиони км) од Земјата. 2015 LK24 одговара на овие критериуми како во димензиите, така и по доближувањето до нашата планета.